Првата група повредени од трагедијата во Кочани заврши рехабилитација – Министерството за здравство со апел, ЗНМ со остар одговор


Во одморалиштето на МВР на Пониква заврши првата фаза од рехабилитацијата за 45 лица повредени во трагичниот настан во Кочани. Според Министерството за здравство, на почетокот од следната недела таму ќе пристигне и нова група повредени, кои ќе добијат двонеделна медицинска нега и физикална терапија.
Министерството упати апел до медиумите процесот на рехабилитација да се следи со особена внимателност и почитување на приватноста на повредените лица. Во соопштението се наведува дека секој инвазивен пристап може да предизвика дополнителни трауми и да го отежни заздравувањето. Затоа, се бара да не се снимаат лица, да не се бараат изјави и да не се нарушува мирот во Пониква и Општата болница во Кочани.
Но на ваквиот повик реагираше Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ), оценувајќи дека станува збор за ограничувачки инструкции што можат да се протолкуваат како институционален притисок и обид за цензура. Според ЗНМ, Министерството не смее да наметнува правила за новинарско известување, особено кога станува збор за настани од јавен интерес.
„Слободата на изразување и јавното информирање се гарантирани со Уставот, а новинарската етика е прашање на саморегулација“, порачаа од ЗНМ, потенцирајќи дека уредувачката независност и медиумската слобода се неприкосновени во едно демократско општество.
