Свет

На Федерацијата БиХ и се заканува политичка блокада

   Десет дена по изборите во Босна и Херцеговина станува се поизвесно дека формирањето на новите владини институции во Федерација БиХ нема да оди ни малку лесно и не е исклучено овој бошњачко-хрватски ентитет да западне во политичка криза.

Главна причини за тоа е изборот на Жељко Комшиќ од Демократскиот фронт за хрватски член на Претседателството на БиХ, што дополнително ги усложни и онака компликуваните односи меѓу Бошњаците и Хрватите во Федерацијата.

Најголемата партија на Хрватите во БиХ, национал-конзервативната Хрватска демократска заедница (ХДЗ) обвинува дека Комшиќ, кој е лидер на мултиетничкиот Демократски фронт, за член на Претседателството е избран благодарение на гласовите на Бошњаците, а дека мнозинството Хрвати гласале за кандидатот на ХДЗ, Драган Човиќ.

ХДЗ од друга страна освои најмногу гласови меѓу хрватските партии и извојува апсолутна победа во кантоните во кои Хрватите се мнозинство, со што се наметнува како неизбежен учесник во формирањето на идните органи на власта во земјата.

Човиќ, кој минатиот викенд престојуваше во Загреб, каде за изборите и постизборниот процес во БиХ разговараше со хрватските власти, по враќањето во земјата го услови учествово на ХДЗ во органите на власта со измена на изборното законодавство.

– Изборниот закон мора да биде претходна фаза во барањето партнерство со партиите со кои би направиле нова реформска агенда во која би требало да се дефинира економската стабилност, правната сигурност и европскиот пат на БиХ, изјави Човиќ, чија партија учествува во сите влади во земјата по завршувањето на Војната во БиХ во 1995 година.

Тој најави дека ХДЗ ќе бара партнери со кои ќе се измени Изборниот закон, со цел да се гарантира почитување на „основите на легитимно претставување“ на сите конститутивни народи во БиХ.

ХДЗ обвинува дека сегашниот изборен закон овозможува за изборот на хрватскиот член на Претседателството да не решаваат само Хрватите, туку и припадниците на другите народи во БиХ. Според партијата. Бошњаците сега имаат „два член на Претседателството“, а Хрватите ниту еден.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток