Коментари

Зоран Крстевски: Мудрост и етика

Пишува,  доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор, Зоран Крстевски – за vecer.press

Животните вредности не можатда бидат позитивно воспоставени, доколку човекот не  вложува во своето знаење и не постапува одговорно, доблесно и етично. Да се биде во хармонија со себе и со другите, значи дека личноста е карактерно изградена, поседува висока моралност, негува алтруистички дух и умее да направи разлика помеѓу доброто и злото. Самосвестаисестраниот развиток на човековите позитивни својствасе клучен фактор за препознавање и следење на вистинските вредности на животот.

Егзистенцијалните проблеми, борби и неизвесности отсекогаш биле карактеристика на човековото живеење, така што немало епоха од развојот на човештвото во која не постоеле воени конфликти, но и стремеж да се пронајде исправниот пат кој води кон прогрес, наместо кон негативните изблици на постоењето. Раѓањето и пренесувањето на вредностните идеали врз идните генерации отсекогаш претставувале суштинска цел, која го облагородува човековиот дух и му дава смисла на неговиот живот.

Во античката епоха се сметало дека разумот е најблагородниот дел од човековата природа, а како главен лозунг се наметнало сфаќањето дека „задоволството е исправно само ако води кон доброто“. Знаењето, осознавањето и восприемањето на вредностите претставувало пат кон очовекувањето, хармонизирањето на личноста, доблеста и хуманото суштествување. Основата била да се стекне знаење, бидејќи без мудрост и себеспознание не можело да се чекори по вистинскиот пат. Сократ потенцирал дека „никој не греши свесно, туку од незнаење, непознавање на вредностите и неосознавање на последиците од своето однесување“. Тој укажал дека единствено преку вложување во знаењето може да се осознае доброто и да се отворат предуслови за создавање праведно општество. Тиевредностисе постигнуваат со духовна надградба на личноста, со себеспознание и со иницирање високо ниво на свест за општото добро.

Античкиот образовен идеал наречен –паидеија, претставува философска визија за изградба на високоморална, слободна, културна и достоинствена личност. Целта била да се постигне доблесност или арете. Поимањето на доблесноста е во тесна корелација со концепцијата за заемната поврзаност на етичкиот и естетичкиот идеал во единствен вредносен човечки идеал – калокагатија. Тоа подразбирало дека убавото и доброто се совпаѓаат, така што доблесниот човек во својата естетика наедно е и етичен, додека во својата етика е естетичен. Поентата е дека внатрешната убавина на личноста е во интерактивен однос со физичкиот изглед, кој својата вредност ја изразува, единствено ако е проникнат и од добите дела, од духовната хармонија и од убавината на душата.

Цел на човековото дејствување е достигнување на највисокото добро, кое според Аристотел е во постигнување блаженство, односно евдемонија (среќа). Тоа ќе го оствариме ако станеме свесни за нашите заблуди, илузии и себеизмами и низ мудроста и етиката ја реализираме вредноста која сите човечки суштества ја сакаат – среќа.

Средновековните философски концепции истакнуваат дека знаењето и моралната доблест го трасираат патот кој води кон духовно спознавање и доближување до Бога. Црковниот деец и философ Аврелиј Августин сметал дека сето знаење потекнува од Бога, така што човекот низ образованието и познанието го осознава божјото творештво.Тој потенцирал дека единствено мудриот човек може да биде среќен, бидејќи самиот чин на спознанието на вистината е блаженство, затоа што вистината е дадена од Бога и претставува пат кон Бога.

Нововековните мислители, меѓу кои и Лок, Монтескје, Холбах, Русо, Кант, во согласност на својата философска доктрина ја истакнувале важноста на мудроста и етиката.Особено е значајна мислата на Џон Лок, кој сметал дека „разумот мора да биде највисок судија и водич во се“.

Моралното воспитување на младите е една од најзначајните човечки дејности. „Човекот мора да се развие од најрана младост до зрелите години низ процесот на образование, бидејќи само преку знаењето може да стане човек“. Оваа согледба на Имануел Кант укажува дека знаењето претставува нужна потреба и есенцијална вредност на човечкото битие.

Карактерот, моралниот интегритет на личноста и самовредноста, колку и да зависат од личниот развој на поединецот, тие во голема мера зависат и од стекнатите навики, моралното воспитување и вредностните норми и начела присутни во социјалната средина. Тука ќе наведеме неколку размисли кои ја истакнуваат важноста на моралното воспитување, едукацијата и етичкото образование. Жан Жак Русо во своето епохално дело „Емил или за воспитанието“ има напишано:„Растенијата се облагородуваат со негување, а луѓето со воспитување“.Слични размисли искажал и српскиот поет и моралист Љуба Ненадовиќ: „Младината е цвеќе на човечкиот род, како ќе го воспиташ, таков ќе носи плод“. Силниот карактер и моралниот хабитус на личноста се клучни за напредување во животот. „Не може да го сонувате својот карактер, мора да го искалите како челик“, сметал американскиот философ и писател Хенри Дејвид Торо. Во тој правец оди и размислата на Мартин Лутер Кинг: „Интелигенција плус карактер – тоа е целта на вистинското образование“. Овие согледби укажуваат дека воспитувањето и образованието во голема мера го креираат човековиот ум и дух.

Природата на етиката е исклучително значајна и диктира размислувања за правдата, должноста, солидарноста, чесноста, одговорноста, грижата, сочувствителноста, дијалогот, соработката итн. Овие категории се значаен дел од етичкото образование.

Општата несигурност создаде итна потреба од етика. Лошото дејствување предизвика депресии, стравови, незадоволства и неизвесности. Семејствата се распаѓаат, доминираат измами и интриги, а во меѓучовечките односи се повеќе владее недоверба. Од друга страна, се помалку се извршува должноста, запоставена е одговорноста, а совеста се поретко е морален судија. Летаргијата и незаинтересираноста за етиката и општото добро многумина ги натера да ги релативизираат моралот и духовните вредности. Разните општествени аномалии, деструктивни цели и постапки, предизвикаа добриот и совесен човек да вложува голем напор за да го идентификува злото и навреме да се заштити од негативните вибрации на околината. Деградацијата на етичките стандарди на постапување придонесе да опадне квалитетот на животот и да се загрози напредокотна заедницата.

Етиката е единствениот начин за каков било опстанок денес. Сите луѓе мора да станат морални. Животот мора да стане етичен, порача Мајка Тереза. Таа со личен пример покажа дека за да бидеме среќни не е потребно да поседуваме големо богатство, туку да иницираме милосрдие, љубов и добрина.

Ако сакаме да ја постигнеме среќата и да се извлечеме од сивилото на егзистенцијата, неопходно е да ги препознаеме своите вредности; да работиме на хармонизирање на личноста; да имаме визија и позитивно да ја определиме својата цел. Тоа ќе го постигнеме ако фокусотго насочимекон мудроста и етиката, како и кон афирмативниот пристап во животот.

Односот кон себе е клучен за личниот развој и за етичкото воздигнување на личноста. Тој подразбира самокритичност,самодоверба, перспектива, предизвик, правилно постапување и градење позитивен однос кон сопствените вредности.Односотшто го имаме кон другите луѓе пак, покажува колку духовно сме созреани. Мудрост е кога бираме да комуницираме со позитивни лица, внимаваме на ситуациите и поединците кои можат да ни предизвикаат стрес, не дозволуваме емоционално да не повредат туѓите негативни вибрации и се фокусираме кон обврските што создаваат позитивни резултати.

Оптимистичка визија бара да го правиме она што отсекогаш сме го сакале, но само доколку со своите постапки не ги повредуваме другите и не ги нарушуваме постулатите на етиката.

Современиот човек упорно се бори да допре до миговите на среќа, несфаќајќи дека за да го постигне тоа не му се потребни големи материјални богатства, висок статус во општетството, моќ и слава, туку позитивен пристап, ведрина, опуштеност, сталоженост и добрина.

Затоа, сите ние треба да ги имаме на ум зборовите на Имануел Кант дека „луѓето можеме да ги направиме среќни, само ако ги поттикнеме кон мудроста и етиката“.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток