Македонија

Арсовски: ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува чинот на киднапирање, закани по живот и психичко насилство врз новинарите

Вчера бевме сведоци на еден немил настан на само неколку километри од Скопје, во село Арачиново, каде што новинарска екипа на телевизијата ТВ21 беше нападната и киднапирана од лица блиски до општината и до Зоран Заев и Стево Пендаровски, истакна Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.
Уште од првиот ден на моето назначување како портпарол ветив дека со сите сили и капацитети ќе се заложам секогаш да бидеме во заштита на новинарите и медиумите.

Така да ВМРО-ДПМНЕ најостро го осудува чинот на киднапирање, закани по живот и психичко насилство врз новинарите и новинарските екипи.

Овој случај на напад и тортура врз новинари мора веднаш да се казни и да биде пример за во иднина.
Веќе медиумите обзнанија дека се работи за еден од напаѓачите кој е близок до Зоран Заев и СДСМ и е близок роднина на градоначалничката на Арачиново.

Па така прашуваме, зошто ако веќе на медиумите им е познато лицето кое ја нападнало новинарската екипа на ТВ21, веднаш не е повикан за да биде сослушан за настанот?

Гледајќи дека едно од лицата кое ја нападнало екипата на ТВ21 е личен пријател на Зоран Заев, прашуваме дали можеби Зоран Заев е тој кој го нарачал нападот на новинарската екипа, се со цел да се спречи прилогот кој го правела телевизијата за неработењето и нефункционирањето на Владата и општината Арачиново?
Ова е начинот на третирање на медиумите од страна на СДСМ. Напад, киднапирања, тортури и закани.
Ова не е прв случај да членови на СДСМ нападнат новинарски екипи. Ова не се случува прв пат.

МВР веднаш да спроведе истрага кој го нарачал и кој го извршил нападот врз новинарската екипа на ТВ21.
Напаѓачите мора да сносат одговорност и тоа веднаш, а Зоран Заев јавно да им се извини на медиумите и граѓаните, и веднаш потоа и тој да сноси одговорност, истакна Димче Арсовски, Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

На почеток