Македонија

Венецијанската комисија: Позитивно мислење за измените на Законот за Судски совет и Законот за судови, потребни се натамошни измени и дополнувања

Министерката за правда, Рената Дескоска, денеска и утре во Венеција учествува на 116. пленарна сесија на Европската комисија за демократија преку правото (Венециска комисија).

Дескоска се сретна со членовите на Венециската комисија и се обрати на пленарната сесија, на која е разгледано и усвоено мислењето на Комисијата за Законот за изменување и дополнување на законите за Судскиот совет и за судовите, соопшти Министерството за правда.

Според мислењето на Венециската комисија, кое неодамна е доставено до Министерството за правда, последните измени и дополнувања на законите за Судскиот совет и за судовите се оценети позитивно, но се укажува и на потребата од понатамошно подобрување на текстовите на законите. Во ова мислење е наведено дека новите институционални аранжмани и процедурални правила се поедноставени и упростени и ја заштитуваат судската независност.

„Во мислењето истакнато е дека двата закона поставуваат цврсти темели за добро функционирање на судството. Воедно, се препорачува и дополнително изменување и дополнување на законите со цел нивно појаснување, па во таа насока Венециската комисија препорачува во Законот за Судскиот совет да се наведе кој ја има функцијата на филтрирање во новиот систем за дисциплински постапки, треба да се допрецизираат дисциплинската постапка и постапката за одговорност на судиите, треба да се прецизира разликата направена меѓу нестручно и несовесно вршење на судиската функција и тоа што претставува сериозен дисциплински престап. Законот мора да нагласи дека разрешувањето судија за професионална грешка е можно само ако се исполнат два предуслова: вината на засегнатиот судија (водејќи сметка за намерата на дејството или очигледноста на небрежноста) и тежината на грешката и нејзините последици“, посочуваат од ресорното Министерство.

Венециската комисија препорачала и укинување на основот за разрешување на судиите доколку се утврди повреда на Европската конвенција за човековите права. Министерката Дескоска изразила подготвеност на Владата за имплементација на сите препораки на Венециската комисија за подобрување на законските текстови и укажала на потребата од двотретинско мнозинство во Собранието за усвојување на понатамошните измени на Законот за судовите.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток