Коментари

Зоран Крстевски: Нарцис

Пишува Зоран Крстевски за vecer.press (авторот е доцент доктор по филозофски науки и универзитетски професор)

Доколку сакаме да негуваме позитивен однос кон сопствената личност, корисно е да имаме умерена доза на самољубје. Илузорно е да се надеваме дека ќе бидеме заинтересирани да ги сакаме и прифатиме другите, ако не сме способни да се сакаме и прифатиме самите себеси.

Сепак, пренагласеното себевоздигнување, себеистакнување и преувеличување на сопствените способности, многу лесно може да не одведе кон нарцизмот. Корисно е да се сакаме, цениме и почитуваме себеси, манифестирајќи здрава доза на нарцизам. Тоа е потполно нормално и добро за менталното здравје. Меѓутоа, според одредени научни истражувања, претераното самољубие претставува психопатолошка карактеристика на личноста. Здравиот нарцизам можеме да го дефинираме како способност за добра самопроцена и самољубие, независно од мислењето на околината. Патолошкиот нарцизам се карактеризира со пренагласена ароганција, суета и егоистички восхит од сопствените физички и ментални атрибути и способности.

Концептот на нарцизмот го воведува Сигмунд Фројд, опишувајќи го како оска на растројство во личноста, изразена низ социјални и психопатолошки проблеми. Според него, нарцисот е вљубен во идеалната слика на самиот себе – сака да биде во љубов со своето лажно јас. Фројд бил инспириран од легендата за Нарцис, митолошки јунак познат по својата убавина и вљубеност во самиот себе, но и по големата гордост, суета и определба да ги омаловажува, повредува и игнорира сите кои вистински го сакале. Неговото самољубие го соочило со трагичен крај, бидејќи откако сфатил дека се вљубил во својот одраз во водата и дека таа љубов не може да биде остварена, според една од верзиите, извршил самоубиство, а на местото каде што починал, изникнало цвеќето нарцис.

Во широката употреба поимите нарцис, нарцисоиден, нарцисоидност подразбираат една апсурдна вообразеност и се применуваат на луѓе чии амбиции и аспирации се многу поголеми од нивните видливи способности или таленти. Некои нарциси бомбастично се фалат и воздигнуваат себеси, меѓутоа многу од нив се неупадливи во јавноста, штедејќи ја суетата и автократското однесување за своите најблиски.

Лицата кои страдаат од нарцистичко растројство на личноста не се свесни дека се исклучително токсични за околината. Со својата ароганција, крутост и импулсивност, тие мошне сурово се однесуваат дури и кон поединците кои искрено ги даруваат со љубов и внимание. Наместо да уживаат во љубовта што ја добиваат, нарцисите бараат уште повеќе, па доколку не го добијат тоа што го сакаат, почнуваат да ги омаловажуваат и обезвреднуваат туѓите добрини. Со таквото свое однесување, создаваат дисхармонична семејна заедница и предизвикуваат сериозни проблеми во врската.

Клучната карактеристика на нарцисите е во опсесивната потреба да се докажат пред другите како посебни и исклучително значајни личности. Одредени невропсихијатри сметаат дека нарцистичкото пореметување на личноста го карактеризираат проблеми со идентитетот и емоционалната регулација. Според нив, нарцисите манифестираат нестабилно и променливо самопочитување, имаат ниско ниво на емпатија и се неспособни за подолготрајна емоционална приврзаност и посветеност.

Нарцисите знаат да бидат мошне нервозни, агресивни и конфликтни, посебно ако некој им ја повреди суетата и пред јавноста изнесе докази за нивната дволичност, лажливост или неверност. За нив е најстрашно да им биде нарушена лажната слика која ја градат пред другите и да се обзнани дека се духовно празни, со ниски морални критериуми и површни. Тие сакаат да се претставуваат како исклучително паметни, убави, способни и грижливи. Но, едно е како сакаат да бидат видени, а сосема друго е со какви вредносни норми се карактеризираат. Главни карактерни облежја на нарцисите се нечесност, манипулативност и лажливост. Во суштината на нивната личност е да лажат и да ги омаловажуваат другите.

Обично ако немаат лична корист, нарцисите многу ретко ги извршуваат своите ветувања и должности. Значење има само тоа што им оди во прилог, сето останато е беспредметно и неважно. Честопати немаат јасна претстава за состојбата во која се наоѓаат, градат идеализирана слика за себеси и не умеат реално да ги согледаат нештата. Откога ќе почувствуваат дека им е нарушена сликата што ја претставуваат пред другите, нарцисите реагираат мошне гневно, иритирано и осветољубиво. Тие никогаш не ги забораваат навредите и знаат да бидат исклучително сурови, обидувајќи се емоционално да ги повредат лицата кои ги сметаат за свои непријатели.

Погрешно се мисли дека нарцисоидните личности единствено се сакаат самите себе, напротив  човекот кој не е во состојба да ги сака и почитува другите, тој не умее да се засака и прифати ниту самиот себе.  Нарцисот не сфаќа дека за да бидеш сакан, неопходно е да сакаш. Љубовното партнерство со овие лица може да биде исклучително тешко, бидејќи тие не разбираат дека и блискиот има потреба од внимание и нежност и дека љубовта бара интерактивна поврзаност помеѓу двајца.

Некои нарцисоидни личности одговорноста за сопствените блудни, прељубнички и неморални постапки ја префрлаат врз партнерот, обвинувајќи го дека ги принудил на такви дела, бидејќи се чувствувале осамено и не добивале соодветно внимание. Кај многу од нив недостасува свест за високо моралнивредности, имаат слаба духовност, а најекстремните нарциси покажуваат садистичко однесување во отфрлањето на другите.На нарцисите им недостасува етички определена совест, а единствено што ги ограничува и кочи е стравот од казна и губење на својата репутација. Нивната емоционална интелигенција е мошне ниска.

Нарцисоидното пореметување произлегува од длабокиот несвесен конфликт внатре во личноста, која често се соочува со невротични реакции, придружени со гнев, нервоза и анксиозност. Општата дефиниција за нарцистичко растројство на личноста (НРЛ) гласи: Силно чувство на грандиозност, недостаток на емпатија за другите луѓе и потреба за восхит. Луѓето со дијагноза НРЛ често се дефинираат како арогантни, манипулативни, фокусирани само на себеси и како лица кои бараат премногу внимание од другите.

Карактеристично за нарцисоидните личности е што целиот нивен живот е театар. Повеќе години може да живееме со нив и на крај да заклучиме дека воопшто не сме ги познавале, односно дека сме биле во врска со подвоена личност, која едно се претставува во јавноста, а сосема друго прави во интимната афмосфера. Разочарувањето е уште поголемо, откога ќе откриеме дека сме биле во брачен, односно љубовен однос со единка која константно им се препуштала на ниските страсти и прељубничките активности со најразлични партнери.

Во речникот на нарцисите не постои ние, бидејќи се саможиви и максимално недоверливи. Емпатијата е предуслов (како што се верноста и довербата) за создавање здрава и стабилна љубовна врска. Повеќето експерименти што ја проучувале корелацијата на нарцисоидноста и љубовта, покажале дека нарцисите се неспособни да гледаат на врската во множина, бидејќи не умеат да ги почувствуваат туѓите емоционални желби и потреби.

Нарцисоидната личност се карактеризира со следните навики: екстремно ги привелигира сопствените желби и потреби; покажува нетолеранција за туѓото мислење и поглед на свет; манифестира љубомора, емоционална отуѓеност и грандиозност – ги преувеличува сопствените вредности;се исклучува кога другите луѓе зборуваат за своите проблеми; бара автоматска согласност за своите постапки; има недостаток на свесност и одговорност за последиците од своето однесување; не се идентификува со чувствата на другите луѓе; има очајничка потреба за восхит, одобрување и признание.

Решение за односот со лицата кои страдаат од нарцисоидно пореметување на личноста е навреме да ги забележиме нивните деструктивни пориви и да бидеме што помалку зависни од нивното влијание. Спас за духовната состојба на нашата личност е со овие лица воопшто да не влегуваме во интимен однос, да не споделуваме емоции и да не градиме заедничка иднина.

 

 

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток