Македонија

Денес ќе се гласа за одземање на мандатот на Груевски

Денеска во 11 часот закажана е седницата на собраниската Комисија за мандатно-имунитетни прашања на која ќе се расправа за одземање на пратеничкиот мандат на експремиерот Никола Груевски.

За одземање на мандатот на Груевски на пленарна седница потребно е двотретинско мнозинство, односно за тоа да гласаат 80 пратеници, за што е потребно и поддршка од опозицијата.

Седницата е закажана врз основа на претходно известувањето од претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, доставено на 15 мај.

Според член 59 од собранискиот Деловник, за пратеникот кој неоправдано отсуствувал од седниците на Собранието повеќе од шест месеца, претседателот на Собранието ја известува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања. Предлог за одземање на мандатот на пратеник во овој случај, поднесува Комисијата за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, во рок од 15 дена од денот на добивањето на известувањето од претседателот на Собранието, а по нејзиниот предлог за одземање на мандатот на пратеникот, Собранието води претрес на првата наредна седница.

Пратеникот и поранешен премиер Груевски лани, во ноември избега во Унгарија каде доби статус на политички азилант. Покрај правосилната пресуда од двегодишна затворска казна, тој е осомничен и за организирање на собраниските настани од 27 април.

На почеток