Спротивставени мислења кај пратениците од најголемата опозициска партијапред вечерашниот состанок на Централниот комитет на партијата. Пратеникот Илија Димовски преку отворено писмо порача дека тој нема да учествтува во, како што вели, фингирани битки и пресметки во ВМРО-ДПМНЕ.
„Прво и неодложно, мора да се направи темелна, а не козметичка реформа на партискиот Статут, со целосна демократизација на процесот на носење политички одлуки, но и целосна демократизација на процесот на избор на партиските тела и органи почнувајќи од месните комитети, па сè до највисоките органи. Второ и суштинско, да се напушти принципот дека партијата мора да се води по правилото за градење култ на личност. Трето, ВМРО-ДПМНЕ има обврска да направи дисконтинуитет со грешките од минатото. И, четврто, партијата мора да научи да гради нови мостови наместо да ги крши и оние што досега го има“, пишува Димовски.
Од друга страна, пак, пратеникот Антонио Милошоски, а по него и пратениците Трајко Вељаноски и Влатко Ѓорчев, се огласија со поддршка за лидерот Христијан Мицкоски.
„Драматичните случувања во Собранието и нелегалниот чин против Уставот, барем дадоа појасна слика за тоа кој се залага да се почитува волјата на народот од кој сме избрани, а кому му се побитни заткулисните договори. Христијан Мицкоски, претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, сепак покажа дека му е побитна демократската доверба што гласачите им ја дале на пратениците, како и волјата на членството и симпатизерите“, напиша Милошоски на „Фејсбук“.
Поделеноста не само на пратеничката група туку и во партијата, која стана сè поизразена по гласањето за уставните измени, според неофицијални информации, се интензивира сè повеќе, а во јавноста веќе кружат две сценарија. Според првото, партијата размислува да го исклучи од членство Сашо Мијалков, поранешниот директор на УБК, за кој се шпекулира дека влијаел врз седумтемина пратеници од партијата да гласаат „за“ уставните измени со цел да издејствува амнестија за себе.
Второто сценарио, за кое се зборува, е дека членството ќе бара оставка од претседателот Мицкоски бидејќи не успеал да ги тргне настрана криминалните структури во партијата.
Овие сценарија дополнително се засилија кога претседателот на Здружението на македонските заедници во Австралија, Игор Александров, на „Фејсбук“ напиша дека крилото на Мијалков подготвува смена на Мицкоски и порача сите што се против преспанскиот договор да изразат солидарност и поддршка со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ. Меѓу првите што одговорија на овој повик беа пратениците Антонио Милошоски, Трајко Вељаноски и Влатко Ѓорчев.