Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев и министерот за надворешни работи, Никола Димитров велат дека референдумот е надпартиски и е поголем од кариерите на сите политичари.
„На 30 ти септември силно ќе светне ден. Народот зборува преку гласање и затоа народот го прашуваме. Бегање од референдум е бегање од гласот на народот. Наша е оваа држава. Ова е завет за нашата генерација и имаме задача и должност да ја завериме независноста на Македонија.” – рече Димитров.
Анѓушев од родниот Велес порача дека гласот „За“ на 30 септември е глас за економски стабилна држава.
„Бугарија која беше земја во развој на пониско економско ниво од Македонија го препозна моментот и влезе во Европска Унија пред нас. И додека таму растеа платите, растеше цената на метар квадратен, а ние што правевме – влеговме во политички превирања и дебати”, рече Анѓушев.