Четворица припадници на косовската полиција и двајца цивили се хоспитализирани денеска во болницата во јужниот дел на Митровица, по акцијата на полицијата во северно Косово и протестите на локалното српско население поради апсењето на неколку полицајци од српска националност, јави дописникот на МИА од Приштина.
Според болнички извори, еден од полицајците е ранет од огнено оружје, додека другите тројца се повредени од други предмети.
Сите повредени се во стабилна здравствена состојба.
Инаку по утринското апсење од страна на членовите на специјалната единица РОСУ, на северот на Косово е мирно, но напнато, објави агенцијата Бета.
Не е сигурно што ќе се случува до крајот на денот, така што граѓаните се собираат во групи во градовите.
Денес во училиштата во Косовска Митровица не се одржуваше настава.
Претседателот на косовското собрание Кадри Весељи рече дека никој нема да го избегне владеењето на правото, откако утрово косовските специјалци упаднаа на северот и апсеа Срби.