Премиерот Зоран Заев на трибината која се одржува по повод две години од формирањето на Владата изјави дека за две години успеале да ги затворат сите отворени прашања и да го сочуваат македонскиот идентитет.
-За две години ги затворивме сите отворени прашања, преземавме одговорност што никој не сакаше да ја преземе цели 3 децении. Го зачувавме македонскиот идентитет, рече Заев.
Toj посочи на резултатите што се постигнати во изминатиот период и Заев нагласи дека сега граѓаните на Македонија и Владата чекаат јасен потег од Европската унија и датум за почеток на преговори.
Задачите што ги исполни Владата, рече премиерот, донесоа суштински промени: ослободување на државата од заробеност, процес на деинсталација на режим и интеграција на земјата како пример кој блеска на Балканот.
– Барем така велат европјаните во најновиот Извештај за напредокот на нашата земја, но Извештајот не е доволен за граѓаните на Македонија. Време е Европа да ја исполни својата задача пред своите европјани. Македонците, Албанците, Турците, Србите, Власите, Ромите, Бошњаците и сите други кои живеат во Македонија се Европјани. Европјаните од Македонија и Владата на Македонија чекаат јасен потег од Европската унија, потенцираше Заев.
На форумот организиран по повод двегодишнината од Владата, што се уште е во тек, се обратија и вицепремиерите Радмила Шекеринска, Бујар Османи, Оливер Спасовски и Кочо Анѓушев. Учествуваат и универзитетски професори, академици, бизнисмени и граѓански активисти.