Пратеникот од СДСМ, Мухамед Зекири на денешната собраниска седница на која се поставуваат пратенички прашања, го потсети премиерот Зоран Заев дека ветил дека по две години од мандатот опозицијата ќе го предлага јавниот обвинител.
„Дали имате намера да продолжите јавен обвинител да се одбира по предлог на опозицијата. Имаме брилијантен предлог од Мицкоски, да се постави Владимир Панчевски, кој е се, освен синоним за правда. Тој има обвинение за залоупотреба на АКМИС системот. Дали е дојдено време да се постави обвинител по предлог на опозицијата, или да се врати зврлевски, или некој друг“, праша Зекири.
Заев пред да му одговори конкретно потсети дека власта прифатила добар дел од барањата на ВМРО-ДПМНЕ, меѓу кои се спојување на СЈО со друго обвинителство, како и неупотреба на „бомбите“ како докази во случаите отворени по истекот на 18-те месеци. Што се однесува до предлогот за Панчевски Заев рече:
– Со ваквото однесување на опозицијата со ваквите предлози не гледам дека треба да им се даде можност. Ако им дадам да го предложат јавниот обвинител, ќе го предложат и Никола Груевски – рече Заев.