Македонија

Опозицијата и власта се борат за Илинден со низа обвинувања

Власта ја киднапираше прославата на Илинден во Крушево, обвини опозициската ВМРО ДПМНЕ. Лаги во неуспешен обид да се оцрни големиот празник, возврати СДСМ.

Опозициската партија изнесе забелешки за организираниот превоз на посетителите, за односот кон партиската делегација, па и за говорите на Мечкин Камен и во претседателската палата.

Од Владата препорачуваат препрочитување на говорот на премиерот. Препораката е упатена до ВМРО ДПМНЕ, бидејќи, велат, тие можеби не се навикнати на таков помирувачки говор. „Сите сме деца на Илинден“, беше слоганот на вчерашната прослава.

Според протоколот, во третиот и во четвртиот ред биле сместени сите политички партии, вклучувајќи ги и СДСМ и ВМРО ДПМНЕ, се вели во соопштението од Владата.

Но, делегацијата на опозициската партија покажала непочитување на традициите и ги напуштила своите места за да одржи прес конференција токму за време на изведбата на „Тешкото“.

Ова е одговорот на обвинувањата на потпретседателот Александар Николовски  дека делегацијата била оневозможена да положи цвеќе на гробот на Карев и да ја следи прославата од првите редови.

„Вчерашното одбележување е пример за државничко чествување, кога сите граѓани треба да се сплотат околу вредностите на Илинден“, искоментира СДСМ.

-Илинден постои за да обединува, а не за да дели, како што тоа го прави ВМРО ДПМНЕ дури и на најголемиот државен празник. Граѓаните ги слават клучните историски моменти од минатото и гледаат во иднината, само ВМРО ДПМНЕ е се уште заглавено во темните улици и поделбите.

Дали имало скандирања „северна“ или други провокации, веројатно ќе се расчистува на суд. Советникот во Владата Марјан Забрчанец, вели дека Инфомакс слободно може да го тужи и дека на тој начин барем ќе дознаеме кој е сопственик а кој уредник на овој портал.

Порталот му даде рок од 48 часа да се извини бидејќи објавените снимки на социјалните мрежи ги наречекол монтирани лажни вести.

На почеток