Го прочитав „објаснувањето“ на премиерот Зоран Заев за својата шокантна изјава, во која обвини „група криминалци, еден суетен новинар и еден педер“ за уривање на власта. За жал, ова „објаснување“ и неговото лицемерно „жалење“ дека бил „погрешно разбран“ покажуваат дека премиерот нема личен демократски капацитет и човечка доблест да ја повлече својата скандалозна изјава, напиша на „Плусинфо“новинарот Бранко Героски.
Што ни објаснува Заев?
„Зборувам за карактери на луѓе и нивно однесување“ – вели тој во интервју за МИА и додава:
„И како што од дно на душата ги почитувам и промовирам суштинските вредности на новинарската професија, а тоа се целосната слобода на говор, изразување и критика, така имам полно право да дадам и карактеристика дали некој суетно или со други намери креира впечаток во јавноста“.
Некој мора да му каже на премиерот дека нема такво право какво што си присвоил. Заев нема право да води дебата за карактерите на луѓето. Не како премиер. Па дури ни како сопруг, брат и татко – за своите најблиски. Да „дава карактеристики“ за карактерните особини на други луѓе (вклучувајќи ја и „карактерната особина“ што тој ја препознава под поимот „педер“), може само човек без карактер, човек кој од душа има само дно.
„Во исто време“ – вели Заев – „моја обврска како премиер е да ги информирам граѓаните за сите појави во општеството и нивната позадина. Ова во никој случај не значи никаква закана, ниту застрашување, влијание или притисок врз било кого во неговата работа, без оглед какви се намерите. Ако од некого сум бил погрешно разбран или протолкуван, навистина жалам и затоа го давам ова појаснување, но останувам на моите определби за кои претходно зборував, како и на вербата во вредностите за кои отсекогаш сум се борел“.
Kолумната во целост прочитајте ја тука.