Македонија

АХВ со нов правилник – Најпарво соодветни безбедносни критериуми за храна, а потоа пласирање на производите до крајните потрошувачи

Фармерите и малите производители ќе можат домашните сирења, колба си, јајца, мед… да ги продаваат директно на фармите или во и во локални продавници. Тие нема да зависат од откупувачите, но притоа ќе мора да ги исполнат соодветните хигиенски и безбедносни критериуми пропишани во новиот Правилник на Агенцијата за храна и ветеринарство.

Директорот на Агенцијата за храна и ветеринарство Зоран Атанасов денеска на прес-конференција во Стопанската комора на Македонија истакна дека при изработката на Правилникот биле консултирани сите засегнати страни и оти во него се вградени поголем дел од забелешките.

– Фармерите и малите производители ќе можат да произведуваат производи од животинско потекло согласно условите што треба да ги исполнат и нема да зависат од откупувачите, бидејќи ќе може да ги пласираат до крајните потрошувачи или да ги понудат во некој маркет. Целта е да се олесни односно да можат директно да ги пласираат своите производи до крајниот потрошувач, но притоа мора да ги задоволат одредените хигиенски критериуми согласно Правилникот, појасни Атанасов.

При изработка на Правилникот, како што објасни директорот на АХВ, Зоран Атанасов се размислуваше за здравствената исправност и за безбедноста на овие производи.

-Мора да се знае од кое одгледувалиште потекнува, датумот кога е произведен производот, таа следливост за безбедност на храната мора да е испочитувана. Целта е да им се олесни на фармерите своите производи директно да ги пласираат на крајните потрошувачи, истакна Атанасов.

Правилникот ќе се презентира пред примарните одгледувачи со цел тие поблиску да се запознаат со критериумите што треба да ги исполнат за да можат да ги пласираат своите производи до крајните потрошувачи.

На почеток