Македонија

Трчаше по Груевски, „се лизна“ на Боки 13

Шефицата на СЈО Катица Јанева денеска во 10 часот треба да се појави во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во својство на сведок во истрагата за „Рекет“. Јанева е повикана на распит точно еден месец и пет дена по отворањето на истрагата, иако нејзиното име досега се споменуваше во речиси секоја вест за овој случај.

„Рекет“ ја разболе Јанева

Истрагата за случајот „Рекет“ беше отворена на 15 јули. Истиот ден специјалната јавна обвинителка објави оставка за која рече дека ќе стане активна во моментот кога политичките партии ќе се усогласат за иднината на СЈО. До ден денес оставката не е формално поднесена до Советот на јавни обвинители. Веднаш потоа Јанева се разболе и неколку дена ја немаше на работното место, што дополнително ги подгреа шпекулациите за нејзина поврзаност со „Рекет“. По враќањето во СЈО, Јанева ги свика медиумите и испрати порака дека е чиста, а Боки 13 и други го злоупотребувале нејзиното име.

Од обраќањето на Јанева не помина ниту една недела, кога СЈО повторно стана вест. По аларм од вработени, „360 степени“ објави дека Јанева наредила ИТ-секторот да спроведат т.н. „форензичко бришење“ на компјутерите во Специјалното јавно обвинителство. Од СЈО првично демантираа, но по неколку дека признаа дека веќе се трајно форматирани неколку компјутери во оваа институција и дека процесот е запрен „за да се оттргнат сомнежите за какви било други мотиви“.  Со бришењето не биле зафатени документите сместени на тие компјутери, но неповратно се избришани информациите за „сообраќајот“ – кој, кога и што работел на тие машини.

Бомбите на „Ла Верита“ Катица ги коментираше од плажа

На почетокот на месецов италијанскиот весник „Ла Верита“ почна со објавување видео и аудио материјали за операцијата „Рекет“ во кои се слушна и гласот на Катица Јанева. Во еден од разговорите меѓу бизнисменот Орце Камчев и шоуменот Боки 13 (сега првоосомничен во „Рекет), се вклучува и Јанева, која му вели на Камчев „да не се грижи за ништо зашто се ќе биде во ред“.

Во друга снимка Камчев, од куќен притвор, му кажува на Боки 13 дека му треба пасошот за да оди во Турција. Боки 13 и реферира на Јанева дека гаранциите за враќање на пасошот ќе бидат предадени, но и дека Камчев се плаши од Лиле Стефанова, предметната обвинителка во „Империја“.

„Многу сум ангажирана, затоа не ја држам така редовно под контрола, инаку без мене таа (Лиле Стефанова) не може ништо“,

вели Јанева во аудио снимката.

Специјалната обвинителка ја потврди автентичноста на разговорите. Додека жолтиот печат се полнеше со нејзини фотографии од грчките плажи, Јанева во два наврати преку веб-страницата на Специјалното јавно обвинителство порача дека го врбувала Јордан Камчев да стане сведок-соработник во друга предистрага и тоа преку посредник назначен од него (алудирајќи на Боки 13).

Целиот текст на https://360stepeni.mk

На почеток