Коментари

Далавера, а не афера „Рекет“: Орцето сметајќи на алчноста на Боки 13 и незрелоста на Катица се согласил или понудил рекет

Пишува: Професор Темелко РИСТЕСКИ

Пред еден месец и некој ден Републикава ја потресе настан (случај, случување ….). кој, како и секој настан има свој почеток, траење и крај. Почетокот го видовме, траењето го гледаме, а крајот ќе го видиме. Поради природата на инкриминираните дејствија содржани во него, го нарекоа афера „Рекет“. Јас би го нарекол далавера „Рекет“. Еве зошто дојдов до оваа идеја.

Вчера, е одложено судењето во предметот „Титаник“ по обвинителен акт на Специјалното јавно обвинителство кој го застапува една од обвинителките во тоа обвинителство. Со обвинителниот акт се опфатени, покрај главниот бос Грујо, уште и дваесет други обвинети, сите функционери на поранешната власт. Еве ги: Мартин Протуѓер, Кирил Божиновски, Миле Јанакиески, Гордана Јанкулоска, Билјана Бришкоска Бошковски, како и Илија Димовски, Мунир Пепиќ, Едмонд Темелко, Леко Ристовски, Кирил Тодоровски, Катерина Веловска, Станко Коруновски, Коста Марковски, Драгче Драгчески, Марјан Накевски, Гоце Јаневски, Џезми Ахмет, Роберт Давитков, Далибор Алешковиќ и Ленка Рашајковска. Така објавија средствата за јавно информирање.

Обвинителниот акт ги товари за злосторничко здружување, повреда на избирачкото право, повреда на слободата на определување на избирачите, поткуп при избори и гласање, уништување изборен материјал и злоупотреба на средства за финансирање изборна кампања.

Некои од овие типки и типови се опфатени и со други обвинителни акти по предмети со бомбасти и на природата на „дејанијата“ перфектно потрефени називи, како на пример: „тендери“, „траекторија“,, „тврдина“ и т.н., да не набројувам, ги има многу. Работеле арамиите.

Да се вратиме на вчерашното случување во судот. Адвокатот, (името не му го споменувам бидејќи nomina sunt odiosa (имињата се непожелни), како што велеше мојот стар и добар професор по латински јазик) многу учтиво предлага обвинителката која го застапува обвивнителниот акт да биде изземена поради притворот на нејзината шефица. Адвокатот сигурно знае дека дотичната шефица, формално правно е шефица на СЈО и ќе биде шефица (формално правно – се разбира) се додека не биде разрешена во постапка пропишана со членот 18 од Законот за Специјалното јавно обвинителство која не е едноставна. Немам замерки на адвокатот. Тој ги користи сите можни начини и средства за да им ја олесни положбата на неговите клиенти. Предложил човекот. Пред да предложи сигурно си помислил: „Ќе предложам, па ако помине предлогот ќе биде добро, ако не помине, никому ништо; постапката ќе тече“.

Обвинителката очигледно несигурна во правната неоснованост на предлогот на одбраната, бара време за да се произнесе по него. Судијата дава пауза. По паузата обвинителката се изјаснува и тврди дека иако шефицата и е во притвор за случајот „Рекет”, нејзините овластувања сѐ уште се важечки. Таа е потполно во право. Нејзината шефица, иако е во притвор, формално правно е шефица на СЈО, се додека не се донесе одлука за нејзино разрешување, и тоа правосилна.

Но, и покрај тоа, судијата (името ќе му го дознаете од средствата за јавно информирање) го прифаќа предлогот на одбраната и ја одложува расправата за четврти септември. Ете уште едно одлагање на расправата за предметот „Титаник“, покрај бројните претходни. Миц по миц, гонењето за злоделата содржани во него може да застари и злосторниците да бидат ослободени поради застареност.

Сега малку да се позабавиме околу она „не афера „Рекет“ – туку далавера „Рекет“. Имајќи ги во вид вчерашните случувања во судот и бројните информации во средствата за јавно информирање, еве какво сценарио виде мојот “грешен“ ум. Орцето, сметајќи на алчноста (а можеби алчноста и подготвеноста за соработка) на Боки Тредичи и Кичеецот, и на алчноста и незрелоста на разгаленото ни Кате, по претходен договор со двајцата „босови“, оној претходниот и главниот Груја и овој актуелниов, слугата му, Мицка, лесно се согласува, а можеби и понудува да даде голема сума на име рекет (не дава човекот свои, туку туѓи пари). По договор со босовите сета операција ја снима. Снимениот материјал му го предава на обвинителството со пријавата. Така бара Законот. Копија од материјалот му предава на Мицка. Понатамошниот пат на копијата до дестинацијата „Ла верита“ се знае. Нема потреба да го објаснуваме. Далавера, зарем не драги пријатели. Не афера, туку лукаво смислена и спроведена далавера како небаре далаверџиите да ги советувал оној лукавиот од библијата. Целта на далаверата е очигледна: да се поткопа угледот на актуелнава власт, да се спречи донесувањето на Законот за јавно обвинителство, да се спречи добивањето на датум за преговрти со ЕУ и да се створат услови за предвремени избори и за спас на арамиите со повторно преземање на власта. Ефектот на далаверата го видовме и се уште го гледаме. Но доброто секогаш го победува злото: некогаш лесно, некогаш тешко, некогаш многу тешко, со многу жртви и страдања. И овој пат доброто ќе победи. Никој не е како господ, често пати умеат да кажат многу од нас. Тој е олицетворение на доброто. Лукавиот е олицетворение на злото. Гледано на долги рокови, злото никогаш не го победило доброто.

 

На почеток