Македонија

Жарко Луковски дал дополнителен исказ за „Рекет“

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција потврди дека поранешниот главен извршен директор во „Т-мобиле“ Жарко Луковски утрото бил да даде исказ во за случајот „Рекет“.

Овој исказ, всушност е дополнување на претходниот негов исказ за истиот случај. Луковски, кој бил меѓу повиканите во својство на сведок кога почнала истрагата за „Рекет“, сам побарал да го дополни претходно изјавеното.

Името на поранешниот директор на „Т-Мобиле“, Луковски, се споменува во еден од аудио разговорите што ги објави италијанскиот весник „Ла Верита“ на својата интернет страница. Во тој разговор се слуша како Бојан Јовановски – Боки 13, во разговор со Орце Камчев, вели дека „Луковски завршил работа за случајот со базните станици – и во СЈО и во Владата“.

Во случајот „Базни станици“ што во СЈО го води обвинителката Лиле Стефанова, Жарко Луковски е осомничен за злоупотреба на над 3,5 милиони евра во корист на Бетон АД Скопје, а на штета на акционерите на Т-мобиле, меѓу кои, и државата. Според СЈО, тој во 2011  ја злоупотребил службената положба и овластување како главен извршен директор на Т-мобиле, барајќи финансиска понуда од Бетон АД Скопје за легализирање на дивите базни станици, иако Т-мобиле Македонија поседувала соодветен тим на стручни и лиценцирани лица, кои и претходно работеле на утврдување на правниот статус на базните станици и тоа за околу 3.000 евра по објект. Од друга страна, Бетон АД Скопје претходно никогаш немала давано услуги од овој вид, а во фирмата постоел само еден вработен со соодветното искуство. Сепак, набрзо Бетон ја известил Т-мобиле дека бараната услуга може да ја изврши за тројно повисока цена од онаа за која работата можела да ја заврши стручниот тим на Т-мобиле Македонија.

На почеток