Денес во просториите на Министерството за информатичко општество и администрација, Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија одржа состанок со министерот Дамјан Манчевски. На состанокот беа отворени прашања на кои во изминатиот период нашиот синдикат жестоко реагираше и даде доволно аргументи за тоа дека реформите во јавната администрација не одат во добра насока. Стана збор за одредени колективни договори како колективниот договор за правосудството, колективниот договор за вработените во јавниот сектор, трансферот на вработени од јавен во приватен сектор, непочитувањето на правата на синдикалниот претставник итн..
Предлозите кои беа дадени, а се однесуваат на колективните договори беа прифатени од страна на Министерот и секако најави дека во иднина ќе бидеме консултирани и активно вклучени во изработката на истите.
На состанокот подетално се разговараше за реформите во јавната администрација пред се за трансферот на вработени од јавен во приватен сектор.
За овој предлог ние како синдикат во изминатиот период искажавме голем отпор и дадовме низа аргументи и предлози како што е замрзнување на вработувањата во јавниот сектор, предвременото пензионирање и преквалификација на вработените во јавниот сектор. За овие предлози би се направил ист трошок како за стимулацијата на приватниот сектор за да прифатат вработени од јавниот сектор што би се направила во спротивно, односно истите пари би биле доволни за реорганизација на јавната администрација.
На наше задоволство нашите предлози со силни аргументи беа прифатени од страна на министерот и ќе бидат предмет на дискусија и јавна дебата.
Се дискутираше и за функционалната анализа во јавниот сектор и беше договорено дека нема да се врши без вклученост на синдикатите што ни дава фер и транспарентна постапка.
На состанокот беа изнесени и предлози на САДУ за Законот за висока служба со низа предлози кои може да се применат, а кои функционираат во голем број Европски земји за кои министерот се согласи да се разгледаат, а подоцна и да се преговараат.
На состанокот исто така беше изразен и револт за се она што се случуваше по последниот одржан состанок во министерството, за начинот на кој некои директори се пресметуваат со нашиот синдикат, за бројните откази и попречување на работата на синдикатните претставници.
Од наша страна беше искажана голема загриженост за сите реперкусии од страна на претпоставени во одредени институции со кои се соочуваат нашите претставници на што министерот вети дека лично ќе ги провери настанатите последици и ќе преземе мерки.
САДУ во изминатиот период, безразлика на преговарачите од другата страна, покажа дека стои позади своите членови и работниците во јавниот сектор и дека чесно и искрено ги штити правата на работниците. Секако и во иднина нема да се откаже од правдата, унапредување на своите стекнати права во јавниот сектор со цел квалитетни реформи кои ќе придонесат за општиот благодет на секој граѓанин во нашата држава.
На крајот на средбата беше договорено дека овие конструктивни преговори ќе продолжат континуирано да се практикуваат на пократок временски период, се вели во соопштението од Синдикатот на администрација и државна управа на Македонија.