Властите на Хонгконг ја забранија во понеделникот Националната партија којашто се залага за независност на оваа поранешна британска колонија, што е прва забрана на некоја политичка групација во Хонгконг по 1997 година и кога оваа територија со специјален статус се врати под патронатот на Пекинг.
Во согласност со кинеско-британската декларација за преносот на власта, автономниот регион на југот од Кина ужива слободи кои не важат во остатокот од земјата. Меѓутоа, многумина се убедени дека Пекинг ја јакне својата доминација во Хонгконг.
Во јули годинава полицијата на Хонгконг побара забрана за Националната партија на Хонгконг (HKNP), што претставува прва мерка од овој вид по враќањето на територијата на Кина.
Со само десетина активни членови, Националната партија е многу скромна според големината, но беше многу гласна поради својот радикален дискурс. Барањето за забрана беше жестоко критикувано од организациите за заштита на човековите права и од британското министерство за надворешни работи, кои бараа да се почитува слободата на изразувањето.
Во понеделникот, меѓутоа, властите објавија дека се согласуваат со барањето на полицијата, како и дека партијата ќе биде забранета со примена на законот којшто дозволува забрана на одредени здруженија поради националната безбедност или нарушувањето на јавниот ред.
„Наредувам забрана на дејствувањето на Националната партија на Хонгконг во Хонгконг“, се истакнува во соопштението на министерот за безбедност на оваа територија Џон Ли, објавено на интернет страницата на владата. Челникот на партијата, Енди Чан, засега не ја коментира забраната.