Свет

Младите од сиромашните земји се поголеми оптимисти од нивните врсници во развиените држави

Во анкета спроведена врз повеќе од 40.000 луѓе во 15 земји од светот многу поголема верба за напредок покажале младите од државите со ниски примања

Младите во Кина, Индија, Нигерија, Кенија, Индонезија, Саудиска Арабија и Мексико се многу поголеми оптимисти за иднината, отколку нивните врсници во другите земји, покажала анкета на фондацијата „Бил и Мелинда Гејтс“, спроведена во 15 земји.

Младите луѓе во тие земји многу повеќе веруваат дека можат да влијаат врз тамошните влади, како и дека нивната генерација би имала многу попозитивен удел отколку генерацијата на нивните родители, се заклучува во истражувањето, спроведено во рамките на проектот „Голкиперс Глобал Јут“.

Во анкетирањето биле вклучени повеќе од 40.000 луѓе на возраст од 12 години, па нагоре. Од нив се барало да дадат став и мислење за „нивните лични цели, за предизвиците во нивните места на живеење, како и за насоките кон кои се движат нивните земји“. Младите покажале поголем оптимизам од постарите кога станало збор за нивниот личен просперитет дома и на глобален план.

Во анкетирањето Австралија, Франција, Германија, Велика Британија, Шведска, Соединетите Американски Држави и Саудиска Арабија, се вброени во земји со високи примања. Бразил, Кина, Индија, Индонезија, Кенија, Мексико, Нигерија и Русија, пак, се вброени во земји со средна или ниска висина на примања.

Нивото на задоволство е генерално на добро ниво во 15-те земји, но кај земјите со ниски или средни примања, оптимизмот е значително повисок.

Односот со пријателите и со семејството се покажал како највлијателен во животот на индивидуите и според прикажаните резултати од анкетата, тоа е најмногу изразено во Шведска.

За Мексиканците, Кенијците и Американците, како и за испитаниците од повеќето земји, тие односи се клучни во личното задоволство и се многу побитни од социјалните мрежи. Иако социјалните мрежи се покажале како доста влијателни кај мексиканската младина, сепак и за нив односите со семејството и пријателите се на водечко место.

Следни битни фактори, после роднинските и пријателските односи, се здравјето, навиките за здрав живот, како и финансиите. Повеќето од младите истакнале дека, кога би се вработиле, би сакале да бидат доктори. За разлика од нив, повозрасните, пак, фаворизирале претприемачки професии.

Младите Кинези се покажале како најголеми оптимисти за пронаоѓање работа, а најмала верба дека ќе се вработат има кај младите од Нигерија. Повеќето од другите земји, во однос на тоа прашање, се наоѓаат во средишна рамка.

На светски план, повеќето од испитаниците, млади и стари, се согласиле дека „животот е полесен за мажите и момчињата, отколку за жените и девојчињата“, како и дека таквиот однос ќе продолжи и натаму во таа насока. Голема разлика во овие одговори немало, без оглед дали се работи за машки или женски испитаници.

Резултатите покажале дека „тоа е присутно во Индија, Саудиска Арабија, Мексико, САД и Бразил“. Во повеќето од одговорите се изразува надеж дека односот кон жените ќе се подобри.

Религијата, пак, се покажала како многу влијателен фактор во Индонезија, Бразил, Шведска и Кенија, додека најмалку битна им била на младите во Кина, Франција, Германија, Велика Британија, Индија, Мексико и Русија.

Резултатите покажале дека владите, политичките лидери и климатските промени, имаат негативно влијание врз животот како кај младите, така и кај постарите.

Двете генерации испитаници имале идентичен став дека надминувањето на сиромаштијата и подобрувањето на образованието ќе помогне во решавањето и на други проблеми, како што се вооружените конфликти.

Ракот, пак, бил истакнат како најголем глобален здравствен проблем, додека вирусот ХИВ и сидата се нашле на второ место.

Интересно е тоа што „тагата поради стареење“ се покажала како најтешка и ги погодува и младите и старите. Испитаници, и од едната и од другата генерација, подеднакво истакнале дека не се чувствуваат среќни што стареат.

извор: mk.voanews.com

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток