Македонија

Овоштарите се спремаат на протести, откупната цена е пониска од производствената

Ниската откупна цена на јаболкото сѐ повеќе ги револтира овоштарите кои се подготвуваат и на протести. Индустриското јаболко се продава за 1 денар по килограм, а трпезното за 7,8 или 10 денари. Според овоштарите ова е сосема нерентабилно затоа што производствената цена е 10,5 денари.

Годинава сите се задоволни од родот на јаболката. Се проценува дека вкупното производство во Ресен на околу 4.000 овоштари е околу 135.000 тони, од кои 65.000 тони се трпезни јаболка, а другото е индустриско јаболко.

Лани цената беше повисока, а производството помало. Сите се надеваат дека ценатаа ќе се стабилизира некаде на 15 денари. Се бара помош и од надлежните.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство деновиве информираше дека континуирано ја следи состојбата на пазарот, воведува нови и интервентни мерки, со цел да овозможи подобри услови за работа за сите учесници во агро-секторот, вклучително и овоштарството.

„Поради временските непогоди оваа година забележана е поголема количина на индустриско јаболко, кое не може целосно да биде преработено во преработувачките капацитети. За регулирање на оваа состојба и постигнување рамнотежа на пазарот, МЗШВ подготви интервентна мерка која ќе биде дискутирана на следната владина седница и финализирана до крајот на оваа недела“, соопштија од Министерството.

Преку Програмата за рурален развој МЗШВ предвидува поддршка и за преработувачките капацитети, со цел да овозможи поголем простор за откуп на призводите и извоз од државата, наведуваат надлежните.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток