Македонија

Живковски: Господине Темелковски, доста е од празна демагогија, конечно излезете од кабинетот, слушнете ги потребите на граѓаните

Иако градоначалникот Темелковски е наш сограѓанин, истиот се однесува како да не живее во нашата општина и нема никаков слух за барањата и потребите на жителите.

Покрај многуте неисполнети ветувања,  Темелковски периодов останува глув и на барањата на родителите на учениците од четврто и петто одделение од неколку основни училишта од Кисела Вода кои упорно бараат воведување на продолжен престој за нивните деца, истакна Иван Живковски претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода.

Иако радува податокот дека Општина Кисела Вода има зголемен природен прираст на населението, дека се зголемува бројот на првоодделенчињата, но за жал локалната самоуправа и градоначалникот Темелковски не прават ништо за нашите најмлади сограѓани.  Напротив, и тоа што  како можност и право е предвидено со Законот за основно образование, општината не се труди да го исполни.

Имено, Законот за основно образование вели: „Ако се обезбедени услови и средства од основачот, основното училиште може да организира продолжен престој за учениците во групи и тоа од прво до петто одделение со ученици од исто одделение или од прво до трето одделение и од четврто и петто одделение со ученици од различни одделенија“. Понатаму во законот се вели: „Во продолжен престој учениците се вклучуваат во согласност со родителот односно старателот“.

Бидејќи е голем бројот на родители кои имаат барање за организирање на продолжен престој во училиштата во Кисела Вода го повикуваме градоначалникот Темелковски конечно да се одважи и да предложи одлука до Советот на општината со која ќе обезбеди средства за финансирање на наставници за продолжен престој.

Советничката група на ВМРО-ДПМНЕ ваквата одлука целосно ќе ја поддржи, а се во интерес на родителите и учениците.

Господине Темелковски, доста е од празна демагогија, конечно излезете од кабинетот, слушнете ги потребите на граѓаните и конечно почнете да носите одлуки во нивен интерес и не заборавајте дека и локалните избори се ближат, а со тоа се ближи и крајот на вашето расипничко однесување и владеење, истакна Иван Живковски претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Кисела Вода.

 

На почеток