Амбасадорот на Европската комисија во земјава, Самуел Жбогар денеска изјави дека наоѓањето решение за функционално судство е поважно отколку да се добие датум за преговори со Европската Унија.
Во изјавата дадена во Вевчани, евроамбасадорот кажа дека во овие моменти фокусот мора да биде ставен на тоа да се најде решение и да се врати довербата кај граѓаните. Тој додаде дека тоа е многу поважно отколку датумот за отпочнување на преговори.
– Сега засега не е најдено решение. Не е постигната согласност. Но, ние и понатаму ќе работиме на тоа повторно да видиме што ќе се случи со предметите поврзани со поранешните функционери од ВМРО-ДПМНЕ. Решението се уште не е постигнато, но треба да го постигнеме, да го најдеме тоа решение. Упатуваме апел до двете политички партии да продолжат со нивните напори да се обидат да најдат консензус во врска со ова прашање, истакнува Жбогар.
Според Жбогар има логика да се спојат СЈО и ОЈО.
– Мислам дека СЈО заврши една важна работа. Мислам дека во изминатите неколку години работеа на важни случаи, на давање отчет за сторени кривични дела. Веруваме дека оваа работа може да ја продолжи Јавното обвинителство така што мислиме дека има логика во тоа да се спојат СЈО со ОЈО. Колку што разбираме и двете страни се согласни со тоа, вели Жбогар.