Македонија

ПРЕСВРТ: Верушевски тврди дека не изнесувал материјали од УБК

Кратко и дипломатски одговараше поранешниот разузнавач Зоран Верушевски на прашањата кои му ги поставуваше обвинителот Артан Ајро за време на денешното негово сведочење во случајот „Таргет-Тврдина“ за масовното прислушување.

Верушевски ниту еднаш не ги спомена „бомбите“ со тоа име, туку ги ословуваше како документација и ниту еднаш не рече дека тој ги поседувал, туку биле сопственост на партијата СДСМ каде тој бил одговорен за безбедносната политика. Првите информации за нелегално прислушување рече дека ги добил кон крајот на 2010 година, кога се вратил од Италија.

– Во тој период бев одговорен за безбедносната политика на СДСМ и информациите од ваков карактер беа обврска за анализа на мојот оддел… Во рамките на политичките партии се прават политички анализи, нив ги користи лидерството на партијата за своите стратешки одлуки и политики – објаснуваше Верушевски.

Тој рече дека не обезбедувал тој лично материјали, информациите не завршувале зад неговото име и презиме туку во партијата.

– Не обезбедував јас никакви разговори ниту било какви други документи на било каква основа туку сето она што се слеваше како сознание во СДСМ беше обврска за моја анализа за да може лидерството да гради стратегија. Ниту било тоа мој личен интерес ниту ми паѓало на памет да го правам тоа за мене – одговараше Верушевски на директните прашања на обвинителот дали предал разговори во СДСМ.

На почеток