Ознаката „Македонија“ како земја на потекло на производите отвори нов конфликт меѓу Атина и Скопје. Претставници на економиите на двете земји сега мора да вежбаат прагматичност.
Околу пазарот Капани во центарот на Солун се лоцирани локалите за гурмани во градот. Тука ќе ги најдете сите производи на кои се горди Грците- сирење, вино, зачини и прочуената „хелва”, мешавина од сусам, шеќер и мед. Слаткото потекнува од Средниот Исток. Од таму рецептот низ вековите се проширил до денешна Грција и Балканот.
Северно од границата, во соседна Северна Македонија десертот се вика „алва” и е составен дел од тамошната кулинарска традиција. Многу луѓе во Грција тоа го доживуваат како конкуренција. Притоа не се работи за здрава конкуренција, туку просто за право на предност врз една култура. 30- годишниот спор за името кој во 2018 беше решен со Преспанскиот договор, создаде длабок јаз меѓу двата народи. „Немаат право да го користат името Македонија за своите производи”, се жали една продавачка во Солун. За неа македонските производи се грчки, иако во случајот со алвата таа не мисли дека има некој проблем. Македонци доаѓале во Грција за од таму да го купуваат специјалитетот. „Тие не знаат како се прави алва.”
Се нема доверба во политиката
Во едвај 240 километри оддалеченото Скопје, главниот град на Северна Македонија, може само да се смеат на таквите искази. Секако дека и таму се произведува алва, вели една млада жена, иако грчката варијанта била подобра, како што признава смеејќи се. Сепак, главна грижа за називот на потеклото е друг производ, кој за двете земји е од огромна важност за извозот: виното.
„Македонското вино потекнува од Македонија, не од Грција,” се нервира една продавачка во центарот на Скопје. Промената на името на нејзината земја по Преспанскиот договор ја смета за злосторство: „Северна Македонија не постои. Тоа ни е наметнато.” Не мислат сите Македонци толку радикално како неа. Но, и една година по потпишувањето на договорот, луѓето на двете страни од границата не се помирени со новата ситуација. Причината за тоа е длабоката недоверба во политиката.
Откако поранешниот грчки премиер Алексис Ципрас меѓу другото и поради македонското прашање на предвремените избори претрпе изборен пораз, поддршката се намалува и за македонскиот премиер Зоран Заев. Ги привлече Македонците со ветување за европски пасоши и така го рекламираше и Преспанскиот договор. Но, членство во Унијата изгледа тешко предвидливо.
Истовремено Северна Македонија ја тресе голем скандал со уцена. Македонската обвинителка Катица Јанева, која требаше да постапува против организиран криминал, сега заради истиот контекст е во истражен притвор. Заев вети дека конечно ќе ја сузбие корупцијата. Меѓу другото и поради тоа многу Македонци во процесот на спроведување на Преспанскиот договор сега се сомневаат дали играле на исправната карта.
Повеќе на Дојчевеле