Една петтина од граѓаните ќе и дадат поддршка на опозицијата доколку идната недела се одржат предвремени парламентарни избори, покажува најновата анкета која за потребите на емисијата Детектор на Сител ТВ ја изработи Институтот за политички истражувања Скопје.
Според неа, на идните предвремени парламентарни избори 21,1% од граѓаните ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а поддршка за владејачката СДСМ ќе дадат 18,1% од анкетираните граѓани.
Во албанскиот политички блок најголема поддршка ужива ДУИ. Според анкетата на ИПИС, за „интегративците“ ќе гласаат 4,5%. Според рејтингот, следна е партијата на Зијадин Села. За Алијанса за Албанците поддршка дале 2,8% од анкетираните граѓани. Алтернатива на Африм Гаши има поддршка од 0,8% додека за БЕСА на Билал Касами се изјасниле дека ќе гласаат 0,7% од анкетираните граѓани.
26,1% велат дека нема да гласаат за ниту една партија, 14,7% не сакаат да кажат за кого ќе го дадат својот глас, додека 9,7% велат дека се уште не знаат.
Повеќе од половина граѓани или 50,9% велат дека ќе излезат на гласање доколку следната недела се организираат предвремени парламентарни избори, 24,7% се изјасниле дека ќе апстинираат додека 24,3% се уште немаат донесено одлука.
Меѓу политичарите најголема доверба има премиерот Зоран Заев. Во него најмногу веруваат 14,5% од анкетираните граѓани. Следен е опозицискиот лидер Мицкоски во кого доверба имаат 12,1% од анкетираните.
Рејтингот на Али Ахмети е 4,4% а на Зијадин Села 3%. Следи Никола Груевски во кого довербата е 2,1%. Рејтингот Африм Гаши меѓу гласачите изнесува 0.7%, а тука некаде е и Билал Касами за кого се изјасниле 0,6% од анкетираните.
Довербата воШеќеринска е 0,2% а во Мендух Тачи 0,1%, додека 1,6% од анкетираните се определиле за друг политичар.
44,2% од граѓаните велат дека немаат доверба во ниту еден политичар а без одговор останале 14,2%.
Меѓу институциите најниска доверба има СЈО. На скалата од 1 до 5, средната оценка која на СЈО му ја дале граѓаните изнесува 1,68. Без малку 57% од анкетираните довербата во СЈО ја оцениле со најниска оценка, единица.
Под средна оценка двојка се и судството и јавното обвинителство. Средната оценка на довербата на граѓаните во судството изнесува 1,74 а во Јавното обвинителство 1,81.
Довербата во парламентот е оценета со средна оценка 2,25, во Владата 2,33 а во опозицијата 2,4.
Претседателот и медиумите се единствените институции, дел од оваа анкета кои имаат средна оценка која со училишен речник би можела да се нарече добар 3. Довербата во институцијата Претседател доби оценка 2,63 од граѓаните. На врвот се медиумите кои граѓаните ги оцениле со оценка 2,76.
За 48% од анкетираните граѓани случајот „Рекет“ нема да има влијание врз нивната одлука за кого ќе гласаат. 41,4% од граѓаните пак изјавиле дека при одлуката кому да му ја дадат довербата на следните избори влијание ќе има токму овој случај.
Скоро половина од граѓаните, или 49,7% велат дека врз нивната одлука за кого ќе гласаат нема да влијае ниту епилогот околу датумот за старт на преговорите со Европската Унија, додека 37,2% анкетирани рекле дека напредокот на интегративниот процес ќе им влијае кога ќе одлучуваат за кого да гласаат.
Анкетата за потребите на емисијата Детектор ја спроведе Институтот за Политички истражувања Скопје во периодот од 14 до 17 септември, годинава, врз репрезентативен примерок од 1109 испитаници со маргина на грешка на примерокот од плус – минус 3%.