саб. Окт 19th, 2019

Скопје1.мк

види, слушни, прочитај

Прва фотоволтаична централа на средно училиште на град Скопје

Градоначалникот Шилегов денеска присуствуваше на свеченото отворање на првата фотоволтаична централа на средното училиште на Град Скопје „Михајло Пупин“, коешто го прославуваше и својот патронен празник.

  • Денеска СУГС „Михајло Пупин“ го слави својот патронен празник, но на мое огромно задоволство една од причините за моето присуство е и инсталирањето на првата фотоволтаична централа во училиште во Република Северна Македонија. Овој проект е доказ дека соработката на институциите на секое ниво може да вроди со сериозен квалитет и иновативност,  идејата на учениците поддржана од Фондот за иновации и од директорот на средното училиште, како и од Градот Скопје, ни го даваат овој уникатен пример. Ова средно училиште, иако со мала моќност од 12 KW и 42 панели, сепак може да биде пионер и да воведе една мини револуција во пристапот и кон животната средина, меѓутоа и во пристапот кон енергетската ефикасност – рече Шилегов.

Тој додаде дека со инсталирањето на оваа централа учениците во пракса ќе можат да видат како функционираат  фотоволтаичните  централи и дека се надева во текот на наредната година Градот заедно со училиштето ќе соберат финансии   целиот покрив да го направат еден фотоволтаичен панел.

  • Горд сум на учениците на ова училиште коишто ја дадоа оваа иницијатива  и еве денеска и јавноста може да види како функционира нејзината реализација. Градот води со вакви иновативни работи и јас мислам дека ова училиште може да биде пример за тоа како треба да се однесуваат и преостанатите институции и од локално и од централно ниво – нагласи  Шилегов.

Исто така, тој додаде дека електричната енергија од обновливите извори треба да биде стратешка определба на нашата држава и посочи дека ова училиште треба да биде пример и за другите училишта и јавни институции на сите нивоа во земјата.

  • Ова е позитивен пример дека со малку пари може да се придонесе и во заштита на животната средина , меѓутоа и во подобрување на економските перформанси на самата институција, во конкретниот случај заштедите коишто ги правиме за електрична енергија во ова училиште. Тука не застануваме, ова е само прв ваков проект којшто го поддржува Градот во средните училишта, јас очекувам дека во периодот којшто претстои ваков тип на соработки со централната власт, Градот и училиштата ќе реализираме на повеќе места во нашиот град – изјави Шилегов.

За реализација на овој проект учениците од „Михајло Пупин“ добија грант од Фондот за иновации во висина од 270.000 денари, а преостанатите средства до 600.000 денари,  колку што чини централата, се од буџетот на училиштето.

WP2Social Auto Publish Powered By : XYZScripts.com
Close