Европските лидери на кратко ја затворија темата за проширување односно за одредување на датум за преговори со ЕУ за Северна Македонија и Албанија без конечен заклучок, пишуваат дел од европските медиуми. Дипломатски извори наведуваат дека земјите членки се обидуваат да дојдат до заеднички текст на заклучоци со кој би се испратила позитивна порака до земјите кандидатки, но не и зелено светло за старт на пристапните преговори.
Дојче веле цитирајќи висок француски дипломат пренедува дека Париз има ново барање за Македонија а тоа е во следните шест месеци Скопје да спроведе дополнителни реформи за да одобри почеток на преговорите.
Доколку се прифати барањето на официјален Париз, тоа би било ново, трето по ред, одложување на преговорите со Македонија. Наспроти она што го бараше Франција изминативе денови, овојпат не се споменуваат измени во методологијата на преговарачкиот процес, кои постојано беа наведувани како главна пречка од Париз.
Од Албанија, пак, Французите бараат да ги спречи барателите на азил. Доколку се усвои ваков заклучок од самитот, за почетокот на преговорите повторно би се решавало во април следната година.
Од друга страна голем број на земји од ЕУ веруваат дека пристапните преговори треба да започнат и со Албанија и со Македонија, група на земји, вклучително и Холандија, Данска и Шпанија, се за започнување преговори само со Скопје, велат извори на средбата.
Инаку во декември се навршуваат 14 години откако Македонија доби кандидатски статус. Тоа се случи на 17 декември 2005 година кога Европскиот совет реши да станеме земја-кандидат за членство. Добрите вести ги соопшти тогашниот британски премиер Тони Блер во својство на претседавач со ЕУ.
фото: DW.com