Македонија

Сопствениците на текстилни фабрики бараат зголемување на работното време и работа за државни празници – реакција стигна и од Хелсиншки комитет

Зголемување на работното време  на осум и пол  часа, бараат сопствениците на текстилни фабрики. Причина велат е тоа што работниците сега во рамки на работното време користат пауза од половина час, па според нив значи дека ефективно се работи само седум и пол часа. Тоа меѓу другото ги правело некоконкуретни на пазарот.

Продолжувањето на работното време е само едно од барањата што текстилците им ги испратиле на министерките за труд и финансии. Покрај тоа тие бараат да се работи на државни празници за да се задржел континуитет на производствотото, замрзнување на придонесите, повторно поврзување на нормираниот учинок со минималната плата. 

На прашањето дали сопствениците во текстилната индустрија не се во можност да исплатуваат плати и дали затоа ќе користат дупки во законот, Сашко Станоевски, член на Управниот одбор на Кластерот, налутено побарал да се отстрани новинарот што поставил таква претпоставка, објави „Независен печат“

– Вие ништо не знаете за текстилната индустрија. Кога зборуваме за проблемите во текстилната индустрија, обично ни велат дека ние возиме џипови. Па со што да се возиме, ова е 21 век. Бизнисмените во странство имаат авиони! – извика Станоевски.

На средбата со новинарите кластерите се пожалија дека 80 проценти од вкупниот приход на текстилните компании се за плати и дека не може да најдат работници.

По барањата од сопствениците на текстилни фабрики реакција од Хелсиншкиот комитет. Тие бараат државата да го спречи како што велат робовладетелскиот однос во текстилната индустрија. И за нив барањата се неосновани.

Уставно загарантираните права на работникот не смеат да бидат жртвувани во име на профитот на газдите. Очекуваме дека државата соодветно ќе одговори на ваквите барања и дека ќе ги заштити работниците од бескрупулозниот однос кон нив. Притоа, важно е да се спомне дека работодавачите во текстилната индустрија се дополнително привилегирани со субвенции од државата за исплата на минимална плата и дека уживаат други поволности во однос на извозот.

Во таква ситуација, државата не смее да дозволи газдите да ги третираат работниците како да се робови, наведуваат од Хелсиншкиот комитет за човекови права.

фото: Архива

На почеток