Македонија

Летата ќе бидат уште потопли и подолги, а зимите поблаги и со помалку врнежи на снег?

Познатиот светски водич за туризам „Лонли планет“ (Lonely Planet) ја препорача Македонија како една од врвните 10 дестинации за посетување во 2020 година. Водичот прецизно ја доловува понудата за туристите во, како што го нарекува, „неоткриеното плодно ќоше на Европа“. Се истакнуваат планините на националните паркови Маврово, Галичица и Пелистер, езерата, центрите на Скопје, Битола и Охрид, археолошките наоѓалишта, сомениците од НОВ, храната и виното. И тоа е одлично. Проблемот е што оваа понуда, во која треба многу да развиваме и со која можеме да привлечеме гости, веќе треба да ја менуваме ако сакаме да го задржиме туризмот, објави reagiraj.mk.

Причината е што климата се менува. Студените снежни зими и топлите лета со преодни благи есенски и пролетни сезони се нешто што веќе исчезнува. Сезоните се поместуваат. Третиот национален извештај за климатски промени наведува дека просечната темпереатура во следните педесетина години ќе се зголеми за 3-4 степени Целзиусови. Летата ќе бидат уште потопли и подолги, а зимите поблаги и со помалку врнежи на снег. Toa, според анализите, ќе биде закана за некои области во туризмот кои тукушто почнаа да се обликуваат како што треба. Овие закани може да се трансформираат и во предност во некои делови, но единствено ако се преземат мерки.

Предвидувањата се дека ако просечната температура се зголеми за 2 степени до 2030 година скијачките центри кои се на помала височина, како што се Маврово и Крушево, може да немаат снег и подобро да се преориентираат кон планинарење. Ски туризмот насекаде во Европа се соочува со истата закана од намалена „снежна безбедност“. Под снежната безбедност се мисли на надморска висoчина на која помеѓу 16 декември и 15 април во годината има доволно снег за скијање најмалку во период од 100 дена.

Се проценува дека затоплувањето и намалувањето на врнежите до 2030 година ќе ја подигне оваа граница на снежна безбедност неколку стотини метри нагоре, односно повисоко отколку што сега се протегаат терените на Маврово и во Крушево. Маврово се протега на 1255–1860 метри, а Крушево 1240–1400 надморска висина. Проценките се дека височината од која ќе почнува снежниот појас ќе се подигне на 1500 метри, објави reagiraj.mk.

Текстот во целост на: reagiraj.mk. 

На почеток