Македонија

Ќе доцни субвенционирање придонеси за повисоки плати

Државата од овој месец нема да почне да ги субвенционира придонесите за платите на работниците зголемени за 600 до 6.000 денари, иако во предлогот на законот со кој се овозможува оваа бенефиција стои дека ќе почне да се применува со исплатата на октомвриската плата. Причина за ова е доцнењето со донесувањето на Предлогот на законот за субвенционирање на придонеси од задолжителното социјално осигурување, кое според агендата на Собранието треба да се случи во вторник, на 5 ноември.

Откако ќе се донесе законот следи негова објава во „Службен весник“, како и донесување на подзаконските акти и тоа најдоцна во рок од 15 дена.

-За жал, на нашите политичари не им е толку битна економијата, туку им се битни други работи. Во законот пишува дека ќе се применува од ноември, но за платата од октомври, која се исплатува од први до десетти. Ако донесувањето во Собранието задоцни, бидејќи треба да се донесе и подзаконскиот акт, тогаш, сакале или не сакале, ќе мора да биде од ноемвриската плата, односно од 1 декември, вели претседателот на Организацијата на работодавачи на Македонија – ОРМ, Ангел Димитров.

Субвенции ќе можат да бараат само приватни фирми кои не ѝ должат ништо на државата и редовно исплатуваат плати, а како референтен период за покачување на платата се земаат последните три месеци.

На почеток