Откако серијата „Чернобил“ го заинтригира целиот свет, на местото на нуклеарната катастрофа цвета туризмот.
Градот Припјат се презентира и на саемот за туризам кој се одржува во Варшава, а каде присутна е и екипа на „Скопје1“. На штандот на Украина, може да се каже дека има и најголема гужва.
„Добредојдени сте на турите во Чернобил. Вие ќе видите нешто навистина прекрасно. Безбедно е да го посетите Чернобил, нивото на контаминација е ниско, односно, тоа е исто како да посетите било кој друг град во Украина“, велат претставниците на турата за Чернобил за „Скопје1“.
Се нудат еднодневни посети на градот кои траат неколку часа, но и повеќедневни екскурзии. Овој штанд е брендиран со логото за радиоактивна опасност, а истиот знак го има и на целиот пропаганден материјал.
Илјадници луѓе од сите делови на светот сакаат да го видат местото на најголемата нуклеарна катастрофа на електраната Чернобил. Доколку сакате да заминете во обиколка треба да одвоите некој денар плус.
Посетата вклучува обиколка на градот Припијат кој е изграден во 1970 година и тоа баш за потребите на работниците од централата, за да може да се сместат со своите семејства. Овој град ги нудел сите услови за живеење- згради, училишта, паркови, ресторани а се наоѓа непосредно до нуклеарната централа.
Кога хаваријата се случила целиот град бил испразнат. Во него се е оставено онака како што останало.Сега градот го чува војската, а пак пристапот до централата е целосно забранет.
Заинтересираните туристи треба да почитуваат строги правила при посетата и тоа правила- движење со водич во група но само во места кои се претходно проверени. Посетителите не смеат да допираат ништо од градот, или пак да носат дома за спомен. Турата чини од 80 до 130 евра, заинтересираноста е огромна.
Во градот Припјат, кој во времето на дефектот на нуклеарната електрана имал 600.000 жители, се е оставено како кога се евакуирале во 1986-та година.
Чернобил е отворен во 2011-та за туристи, но до сега таму одеа само групи авантуристи.
Од Варшава за „Скопје1.мк“,
Љупчо Таневски