Љупчо Коцарев од јануари следната година ќе биде претседател на Македонската академија на науките и уметностите (МАНУ). Коцарев го наследува академик Таки Фити. За нов претседател на МАНУ е избран академик Љупчо Коцарев, професор на ФИНКИ, а за потпретседатели академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам. Научен секретар на Академијата ќе биде Изет Зекири.
На Изборното собрание за членови на Претседателството на МАНУ се избрани академиците: Катица Ќулавкова, Абдулменав Беџети, Владимир Серафимовски, Леонид Грчев, Глигор Јовановски, Радован Павловски и Момир Поленаковиќ.
Љупчо Коцарев е роден на 25 февруари 1955 година во Скопје. Тоj e македонски научник и професор од областа на физиката, техничките науки и компјутерските науки. Член на МАНУ.
Основно, средно и високо образование (Електротехнички факултет) завршил во родниот град. Магистрирал на Електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика на Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Во периодите од 1985 до 1999 година и од 2007 до 2011 година бил вработен на Електротехничкиот факултет и Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во Скопје. Од формирањето на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) во 2011 година до денес е вработен на истиот. Од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот Калифорнија во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои во САД, Германија, Италија, Унгарија, Шпанија и Јапонија. Во 2006 година е избран за fellow на IEEE (член на Друштвото на електроинженерите во САД). За член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав е избран на 27 мај 2003, а за редовен член на 1 мај 2007 година.
Научниот интерес на академик Љупчо Коцарев е широк, опфаќајќи повеќе подрачја од физиката, техничките науки, и компјутерските науки.
Во 2019 година, Коцарев ја добил наградата „11 Октомври“ за животно дело во областа на науката.
фото: Архива