Македонија

Уапсени рибокрадци во Охрид кои ловеле сред ноќ

Езерската полиција во Охрид ноќеска привела неколку рибари кои бесправно ловеле риба, дознава „Скопје 1“.  Засега нема информации, дали тие постапувале по претходна пријава или пак, станува збор редовна патрола во Охридското Езеро.

Веќе неколку години, гласно се зборува дека организирана група на диво лови риби во езерото, кое треба да го чува концесионерот Милорад Чавковски.

Пред три месеци, рибари од рибното подрачје Струга,каде што надлежен бил Чавкоски за „А1он“ сведочеа дека одземањето на концесијата не го спречило ловот. Според нив, иако друга фирма ја доби концесијата, со езерото цело време стопанисува Чавкоски, оти тој им ги издавал наредбите за ловење, а со него се договарале и за плата. Рибарите велат дека добивале наредби да уловат шест до седум тони риба, а се заведувале само два.

„По концесијата ние повторно ловевме. По наредба на Милорад, да му се носи таму риба. Нам ни даваа белешки без печат. Имаме и да ви доставиме. Така ни ги земаше и ништо не ни плаќаа. Тоа траеше месец и пол, два по одземањето на концесијата. Рибата завршуваше кај Милорад Чавкоски и си ја служеше во ресторанот. Нè лажеше дека ја има концесијата“, вели рибар кој до лани бил вработен во „Пастрмка 2012“.

Засега од охридската полиција не потврдуваат, ниту негираат дека се приведени рибокрадци. Оттаму за „Скопје 1“ најавија дека ќе проверат, по што ќе дадат детали за случајот.

На почеток