Истражители, експерти, стручна и административна служба можеле да бидат дел од Специјалното јавно обвинителство, а за тоа одлучувала специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Членот 2 став 3 од Законот за СЈО предвидува дека „Јавно обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од содржината на неовластено следење на комуникациите ги вклучува и јавните обвинители избрани во ова Обвинителство, но и истражители, експерти, стручна и административна служба“, истакна мкд.мк.
На листата на истражители се најдоа и имињата на двајца вработени во МВР, Лазе Велковски и Примислав Димовски. Едниот поранешен шеф на БЈБ, а сегашен началник на Одделот за борба со организиран криминал во рамки на Министерството за внатрешни работи, другиот сегашен командант на Единицата за прв одговор „Алфа”.
Во период од последните четири години командантот на „Алфите“ Примислав Димовски за ангажманот во СЈО зел околу 40 илјади евра. На платниот список на СЈО бил и поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност, Лазо Велковски кој за три години на име хонорар од СЈО заработил околу 33.000 евра.
Командантот на полициската единица „Алфи“, Димовски, пред неколку дена преку статус на социјалните мрежи јавно се огласи и рече дека е подготвен да го врати секој денар што не го заработил.