Воздрасните шокирани, младите воодушевени. Во пластични шишиња од 0,75 литри, со етикета на која пишува Горска +Релакс, вкус на грејпфрут, канабис, и по цена од 50 до 55 денари, во маркетите во земјава се продава производот кој за кратко време стана доста популарен. Во составот, покрај вода, арома и витамини, наведено е дека има и екстракт од семе од коноп. Напишана е и препорака да се чува на ладно и темно место, но околу тоа кои се придобивките од консумирањето на производот и дали евентуално може да предизвика штетни последици, со оглед на тоа што без проблем го купуваат и деца, нема никакви податоци, објави ФОКУС.
Компанијата Кодинг – Горска, која што ја произведува водата со канабис се најде во центарот на вниманието на јавноста лани, кога доби грант од 18.227.237 денари, односно 296.000 евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“. Јавноста реагираше првенствено поради тоа што директор во таа компанија е Горан Тодоров, претседател на општинската организација на СДСМ Кавадарци.
На рафтовите во маркетите покрај водата со канабис, од истата компанија сега се продава и вода Горска +имуно, по цена од 40 до 45 денари со насликани ацерола и алое вера на етикетата, односно иновацијата за која го добија грантот од околу 296.000 евра, пишува ФОКУС.
За водаата од канабис пак, што се најде на рафтовите во маркетите во исто време со водата со вкус на ацерола и алое вера, во времето кога го добија грантот, немаше никаква најава.
-Компанијата Кодинг – Горска во 2018 година доби грант во вредност од 18.227.237 денари, односно 296.000 евра од Фондот за иновации за „Воведување на нов вид на производ во нова амбалажа, дизајн и етикета за горска вода со алое вера и ацерола“. За водата со канабис која е пуштена во продажба не сме доделиле грант – вели за „Фокус“ директорот на Фондот за иновации и технолошки развој, објави Фокус.мк
