Управниот суд во Загреб пресуди дека истополовата брачна двојка Иво Шегота и Младен Кожиќ имаат право да бидат згрижувачко семејство.
Притоа Судот го поништи одбивањето од надлежниот центар за социјална грижа и Министерството за демографија, кое минатата година им го одби барањето да бидат згрижувачи.
Судот, како што објави „Јутарњи лист“, наложи надлежните служби во рок од 60 дена да донесат нова одлука, овојпат втемелена на домашното и меѓународното законодавство.
– Одлуката на Судот е облигаторна и жалба не е дозволена, така што пресудата е конечна, изјави за „Јутарњи лист“ адвокатката на брачната двојка.
На одлуката на судот реагираше и засегнатата двојка. – Пресреќни сме. Како што и кажавме и на судијката, ова е божиќен подарок, на кој не се осудивме да се надеваме, потенцираше Шегота.