Македонија

Денеска втората седница на Советот за безбедност

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, ја свика втората седница за Советот за безбедност, којашто ќе се одржи денеска, 23 декември 2019 година, понеделник, со почеток во 17:00 часот.

На првиот дел од седницата, каде ќе бидат разгледани тековните прашања поврзани со безбедноста и одбраната на Републиката, покрај членовите на советот, ќе присуствуваат и Виктор Димовски, директор на Агенцијата за национална безбедност, Еролд Муслиу, директор на Агенција за разузнавање, Зоран Ангеловски, директор на Оперативно-техничката агенција и генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, началник на Генералштабот на Армијата на Република Северна Македонија.

Вториот дел на седницата ќе биде посветен на проблемот со аерозагадувањето. На дебатата, покрај членовите на советот, ќе учествуваат и тројца претставници на Здружените граѓански иницијативи и организации, кои во изминатиот период одржаа средба со претседателот Пендаровски во однос на заштитата на животната средина, а преку писмо дадоа предлози и иницијативи за надминување на загадувањето од запалени депонии, пожари и оган на отворено. Исто така, во вториот дел од седницата ќе учествуваат и Насер Нуредини, министер за животна средина и просторно планирање, Јани Макрадули, заменик министер за животна средина и просторно планирање и Фејзула Спахија, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Претставниците на медиумите ќе имаат можност да направат инсерти и фотографии на почетокот на седницата на Советот за безбедност, како и вториот дел на истата – после 18:30 часот. По нејзиното завршување изјава за медиумите ќе даде претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски.

фото: Архива

На почеток