Коментари

Ордановски: Се етаблиравме како нација која ужива да се самосожалува

Штета. Овој референдум требаше да биде национална прослава, круна на евро-атлантските аспирации на големото мнозинство граѓани на Македонија (според последните мерења на јавното мислење, дури околу 75 отсто од испитаниците!) за своја конечна, официјална интеграција – и тоа во овие, несигурни меѓународни констелации – во прогресивниот, цивилизиран свет, таму каде што владее правната држава и почитувањето на правата на сите, без разлика на нивната идентитетска и политичка припадност.

Тоа, како што гледаме, нема да е можно. И во оваа историска фаза ќе мора да има победници и поразени. Кои потоа, секој во своите табори, ќе ги слават нашите туѓи порази.

Македонците – овој пат мислам на оние со таков етнички предзнак – и во овој важен дел од своето постоење, не можат да се договорат за тоа што треба да го содржи и како да изгледа сопствениот национален консензус. Не помогна ни масивната интервенција на меѓународната заедница која, со симпатија без преседан, се обиде да ни објасни дека, успее ли референдумот, не треба да се плашиме за сопствената иднина. Барем за догледна иднина, во време кога иднината е дефицитарен политички производ.

Не, ние сме навикнати, воспитани, одгледани, речиси генетски предодредени да живееме, дури со извесна удобност, во страв. Погледнете ги негативните кампањи за овој референдум: како што наближува неделата за гласање, така стравот од пост-референдумската иднина сака да ја поклопи надежта во пост-референдумската иднина. Авторитарната свест секогаш повеќе сака да се плаши, отколку да се надева, оти за стравот се виновни мистични, „виши сили“, а надежите се остваруваат со прифаќање на сопствената одговорност за подобрата иднина. Ете, сега е модерно да се АПСТИНИРА од референдумското изјаснување, а не тоа дури и да се бојкотира, оти кога апстинирате, со извесно гадење од валканоста на политиката воопшто, наводно, сте ослободени од одговорноста за исходот и последиците од гласањето. Своите високи морални бисери не би да ги фрлате пред свињите кои се прпелкаат во калта на своите политички ставови кои мора да се секогаш предизвикани само од ниски страсти.

Се етаблиравме како нација која ужива да се самосожалува и за своите неуспеси да бара изговори во туѓите постапки. Нам секогаш некој друг ни е виновен, сè некој друг ни го мокри барутот, за да не пукне кога треба. Со генерации ја живееме дефиницијата за паранојата: да мислите дека, некако, светските конспиратори немаат никакви други зли ангажмани, туку постојано токму нам ни обрнуваат внимание и само со нас се занимаваат! По цел ден седат и само гледаат како нам да ни напакостат.

Ако ништо друго, ваквиот развој на настаните олеснува подобро да го разбереме сопственото минато во последните еден-два века, исполнето со задоцнети или преуранети востанија, предавства, цифра од меѓусебни убиства и чистки кои далеку го надминуваат бројот на елиминирани „легитимни“ непријатели и, воопшто, пропуштени „историски“ прилики од разни природи и во разни временски рамки. Отсекогаш ни фалело време да се договориме што треба заедно да правиме.

А, сепак, мора да сме родени сме со к’смет на сопственото буниште, бидејќи припаѓаме на елитниот број на нации во светот кои имаат сопствена држава. Осмо светско чудо! Е, тоа е резултат на вистински светски заговор. Во наша корист. Но, не се опуштајте, никогаш не е доцна да одиграме за сопствената штета. Претстојниот референдум е извонредна прилика за тоа.

Прочитајте повеќе на Цивил медиа

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток