Поранешниот премиер Никола Груевски и натаму е недостапен за полицијата која трага по него за да го спроведе на издржување на двегодишната затворска казна за случајот „Тенк“.
Засега нема информации дали МВР го лицирало Груевски. Од МВР велат дека полицијата продолжува да постапува по распишаната потерница и дека ќе ја информираат јавноста штом ќе имаат конкретни сознанија.
Полицијата синоќа во наврата се обиде да го најде Груевски во неговиот дом, но без успех. Полциски екипи беа и кај седиштето на ВМРО-ДПМНЕ.
Адвокатот на Груевски, Димитар Дангов вчера изјави дека нема сознание каде се наоѓа неговиот клиент. Тој вели дека Груевски нема право на жалба до Врховен суд за одлуката од Кривичен. Сепак, додаде, дека ќе се искористат сите останати правни можности.
Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев синоќа изјави дека не очекува поранешниот премиер Никола Груевски, кој се бара со потерница, да си дозволи да бега.
– Јас очекувам дека нема да си дозволи да се трага по него. Tој велеше дека нема да си дозволи такво нешто, барем такви се моите сознанија од кажаното од Никола Груевски, рече Заев на вечерашното гостување на МТВ. Додаде дека за акцијата нема сознанија, и за повеќе информации упати на МВР.
Од ВМРО-ДПМНЕ, пак, обвинија дека против нивниот поранешен лидер и почесен претседател се води хајка и полтички прогон.
Потерницата од МВР беше распишана на барање на Кривичниот суд, откако Груевски не се пријави во затворот во предвидениот рок. Судот вчера попладне во 16.30 часот го достави до СВР Скопје барањето за издавање потерница против Груевски, откако изминативе денови судските курири не успеаја да му го достават решението на Советот на судот со кое се одбива неговата жалба во однос на двегодишната затворска казна за „Тенк“.