Македонија

(ВИДЕО) Мицкоски најави нов кандидат за министер за внатрешни работи

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ќе го повлече предлогот полковникот Драган Ковачки да биде министер за внатрешни работи во влада која што ќе ги организира изборите на 12-ти април и ќе даде ново име. Мицкоски на денешната прес конференција рече дека најпрво ќе направи телефонски консултации со премиерот Заев и со лидерот на ДУИ, по што ќе следува и официјално објавување на новиот предлог.

Како што рече Мицкоски, новото име не е член на партијата.

Првиот предлог на Мицкоски, не беше прифатен од Власта, поради како што беше образложено, тој бил неуставен , затоа што Драган Ковачки кој доаѓа од АРМ соред уствот неможе да биде на чело на МВР.

Според Мицкоски, премиерот Заев и актуелниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски кого владејачката партија го предложи за технички премиер си зеле за право да го толкуваат Уставот иако многупати како што рече го прекршиле. Мицкоски тврди дека во Уставот има системски недоречености. Тој се повика на случајот кога Сиљан Аврамовски од јуни до декември 2004 година беше министер за внатрешни работи во владата на СДСМ предводена од Хари Костов. Пред да биде именуван на позицијата Аврамовски беше полициски службеник и директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, што како што рече Мицкоски, Хелсиншкиот комитет го оспорил пред Уставниот суд кој се прогласил за ненадлежен.

„Дополнително, во оваа држава Уставен суд не се ни Зоран Заев ниту Оливер Спасовски. Но нивното однесување, однесувањето на  уплашените членови на СДСМ во владата на Македонија, деновиве само потврди дека замешателството на оваа влада на чело со Зоран Заев во било која судска истанца, тоа Основен суд, Апелационен суд, врховен суд, или уставен суд е неминовност. А кога станува збор за Уставниот суд тој воспоставува пракса во минатото за ваков сличен случај. Ќе ве потсетам Уставниот суд во состав Лилјана Ингилизова Ристова, Трендафил Ивановски, кој што се потпишува како доктор на науки, Махмуд Јусуфи, Мирјана Лазарова Трајковска, Вера Маркова, Бајрам Положани, Игор Спирковски, Зоран Сулејманов на 3 ноември 2004 година носи одлука во која што се прогласува за ненадлежен да постапува по поединечен акт кој што во тоа време Хелсиншкиот комитет го поднесува до Уставниот суд и практично ја оспорува номинацијата на тогашниот  министер за внатрешни работи кој што најпрвин го идентификува како заменик директор на Управата за безбедност и контра разузнавање во одреден период, а потоа и за директор во Управата за безбедност и контра разузнавање.

Понатаму овие исти судии велат дека се ненадлежни да постапуваат во оваа претставка поднесеа од Хелсиншкиот комитет бидејќи тоа бил поединечен акт и прераснува во т.н. Судска пракса. Од друга страна ние во Уставот немаме категорија наречена технички министер, но и техничка влада. Но кога станува збор за уплашените Зоран Заев и Оливер Спасовски тогаш никогаш не им пречи да ја прифатат улогата на уставни судии па да коментираат да суда, да пресудуваат, па да носат одлуки и пресуди за лица кои што се професионалци и лица кои што треба да се гордее цела држава бидејќи ги  има во своите редови.  За жал денеска дел од тие лица се прераспределени“, истакна Мицкоски.

„Отпорот на Заев кон кандидатот што го предлагаме е неправда, како за сaмата личност, но и за професионализмот на многу како него. Но, најголема неправда би била оваа власт да избега од избори и Заев да потрае во политиката заедно со Шекеринска и Оливер Спасовски ден повеќе. А битката за професионализмот ќе биде драстична и голема на првиот ден веднаш по 12 април. Тоа ви го ветувам. Пред прагот сме на еден голем предизвик кога ќе треба убедливо да се поразат лагата, криминалот, корупцијата, срамот, понижувањата, декаденцијата и сето она што трета година по ред е реалност на политичката сцена во нашата држава. Токму затоа, јас во текот на денешниот ден ќе предложам ново име – кандидат за прв човек на Министерството за внатрешни работи. Заев ќе падне, и заедно со народот ќе ги поминеме сите препреки кои што тој и малкумината обожаватели околу него ни ги поставуваат на тој пат“, истакна Мицкоски.

Ако денеска биде прифатен кандидатот за технички министер за внатрешни работи тогаш според најавите владата ќе биде формирана утре.

фото: Архива

На почеток