Свет

(ВИДЕО) Австралија гори, се евакуира населението, четири илјади луѓе се заробени во Малакута

– Австралиските власти денеска наредија задолжителна евакуација на некои места на југоисточниот брег на земјата, а на туристите во таа област им е наредено да ги напуштат туристичките места во рок од 48 часа, бидејќи за в сабота се очекува нов бран жештини погоден за ширење на големи пожари кои ја пустошат државата во последниве недели.

Властите информираа дека неделава биле уништени 381 куќи на јужниот брег на Нов Јужен Велс, а најмалку осуммина настрадале во таа и во соседната сојузна држава Викторија, каде што во моментот горат повеќе од 200 пожари.

Властите во Нов Јужен Велс им наложја на туристите да напуштат зона во должина од 250 километри по должината на јужното крајбрежје. Државниот министер за сообраќај, Ендрју Констанс, посочи дека ова е најголемото, масовно преселување луѓе од регионот некогаш забележано.

Четири илјади луѓе се заробени во Малакута, гратче во државата Викторија околу 500 километри источно од Мелбурн, откако бегајќи пред огнот побарале спас на плажите. Градот со илјада жители е популарна туристичка дестинација која во лето привлекува илјадници посетители.

Ќе бидат потребни денови, а можеби и недели за пожарите целосно да се изгасат, а патиштата да се вратат во функција за луѓето да можат со возила да ја напуштат Малакута, изјави главниот командир на пожарникарскиот сојуз Стив Ворингтон. „Огнот буквално гори покрај патот… Стеблата се уриваат и ги блокираат патиштата“, изјави тој.

Во пожарите во Австралија досега изгореа околу пет милиони хектари земја, најмалку 17 луѓе загинаа, а повеќе од 1.300 дома се уништени. Австралискиот премиер Скот Морисон изјави дека кризата ќе потрае најверојатно со месеци.

Поради чадот од пожарите, квалитетот на воздухот во главниот град Камбера денеска е најлош на светот, а ветровите го разнесуваат чадот кон Нов Зеланд. Во пожарите деновиве настрадаа и околу 8.000 коали кои се загрозен вид на кој му се заканува исчезнување.

фото: Al Jazeera

 

На почеток