Денеска го славиме Бадник, или ден пред Божик. Особено од минатото се останати богати обичаи и верувања поврзани со Бадник или Коледе.
Истражувачите на овие обичаи истакнуваат дека во почетокот Коледе бил празник поврзан со враќањето на Сонцето од јужните напоредници, со раѓањето на новото сонце што значело и раѓање или обнова на животот. Подоцна Христијанската црква овој ден го поврзала со Христовото раѓање. На прекорот дека христијаните започнале да го празнуваат денот на Сонцето исто како и паганите свети Августин одговарал: „Ние го празнуваме не како неверниците поради сонцето, туку поради оној што го создал сонцето“.
Обичаите за Бадник и Божик во некои детали меѓусебно се разликуваат од регион до регион, па дури и од село до село, сепак, во основа се изделуваат неколку заеднички елементи, како што се богатата софра, што се подготвува на Бадник навечер, потоа коледарскиот оган заедно со дрвото Бадник, како и коледицата проследена со многу коледарски песни.
Богатата трпеза со исклучително посна храна: питулици, сарма, грав, компир, риба, зелник, овошје и сл. според верувањето, има цел врз принципот на имитативната магија да обезбеди богат род на земјоделските култури. Обичај е по вечерата софрата да не се крева, туку така, заедно со храната да остане целата ноќ, а во некои места така останува во текот на трите дена додека се празнува Божик. Ова е поврзано со верувањето дека ноќта ќе дојде дедо Боже и ќе се нахрани.
Во Струга децата одејќи по коледа носеле дрвени чеканчиња со кои тропале по влезните врати и пееле:
– Сива, сива голабица,
-каде си се осивила?
– Таму горе на бел Дунав.
– Што имаше, што немаше?
– Ми имаше златна чаша,
златрна чаша, иконата,
да служиме млада Бога,
млада Боига Божикова,
Божик ми е на небвеса,
слава му е на земјата.
За вечера, на Бадник, се правеле питулици, без масло, само со шербет и ореви. Тоа, всушност, биле постилци (пелени), зашто наскоро ќе се роди царот небесен Исус Христос и треба да биде повиен.
Во врска со обредните коледарски огнови е и обичајот коледица. И денес како и во минатото и во селата и во градовите во сите краишта на Македонија помали или поголеми групи деца палат оган, пеат пригодни песни и одат по куќите каде што добиваат подароци како што се: пари, ореви, костени, јаболка, портокали и др. Една од најпопуларните песни што и сега се пее во овие случаи „Коледе леде“ ја среќаваме и во запис на Г. Бојаџиев, објавена во „Книжици за прочит“ во 1893 година.
Коледе, леде! паднало греде,
утепало деде. Дедо се мачи,
баба го квачи, со четири јајца
гускини, гусќини!
О, О, коледе!
фото: Архива