Согласно последниот извештај на Светска банка „Doing Business 2019“, којшто беше усвоен на владината седница, Македонија го подобрила својот ранг за едно место и се наоѓа на 10-то место меѓу 190 држави во светот.
Македонија и годинава е лидер во регионот и четврта земја во Европа според условите за водење на бизнис. Оваа година од вкупно 10 индикатори, Светска банка во својот извештај утврдила подобрување кај два индикатори: добивање на градежни дозволи и регистрирање на имот. Кај два индикатори, пристап до кредити и решавање на несолвентност, нема промена во рангот, додека влошување има кај 6 индикатори, односно: започнување на бизнис, пристап до електрична енергија, заштита на малцински инвеститори, плаќање даноци, прекугранично тргување и спроведување на договори.