Македонија

Отворено писмо на Владимир Пешевски за национално помирување

Поранешниот вицепремиер Владимир Пешевски преку отворено писмо се обрати до ВМРО ДПМНЕ и ја повика партијата да биде дел од националното помирување. Писмото го пренесуваме во целост:

„Ние подолу потпишаните, загрижени за иднината на Република Македонија, за иднината на нашите семејства, за иднината на сите наши сограѓани и идните генерации, со ова писмо сакаме да ја информираме јавноста за нашите размислувања и сугестии поврзани со тековната политичка криза. Наша желба е да придонесеме во создавање на услови за крај на кризата, за општо национално помирување, обединување и интеграција, и за враќање на стабилноста и вербата во подобра иднина.

Можеби најголемиот неповратен негативен ефект на оваа криза е фактот што обичниот граѓанин речиси целосно ја изгуби надежта дека е можен подобар живот тука во Република Македонија. Нашите граѓани ја напуштаат земјата, масовно и секојдневно. Веруваме дека ставањето крај на кризата, но и начинот како тоа ќе биде изведено е клучно за враќање на довербата во државата и вербата дека е можно да се има подобра иднина тука во Република Македонија. Во таа насока и членството на РМ во НАТО и ЕУ е критично неопходно и тоа ден поскоро. Сметаме дека политичките партии и нивните раководства, и покрај огромните потешкотии, го имаат клучот за овој процес на излегување од кризата сепак да заврши со успех.

Тргнувајќи од горните претпоставки, ги упатуваме следните пораки и сугестии:

1. Го повикуваме раководството на ВМРО-ДПМНЕ да иницира средба на лидерите на најголемите политички партии, на која ќе биде воспоставен повторен дијалог и на која ќе се пристапи на решавање на кризата во дух на конструктивност и разумност. И покрај различните политички гледишта, ги повикуваме раководствата и на другите најголеми политички партии да ја прифатат оваа иницијатива. Промената на амбиентот на овие средби ќе придонесе за севкупно подобрување на амбиентот во целата земја.

2. Во однос на актуелните случувања во ВМРО-ДПМНЕ, сакаме да ја дадеме нашата поддршка на раководството на партијата и да упатиме повик партијата да се вклучи активно и конструктивно во процесите кои имаат за цел евроатланска интеграција на Република Македонија и да придонесе за внатрепартиско обединување. Наша желба е ВМРО-ДПМНЕ да остане голема и силна партија која и понатаму ќе биде еден од клучните политички фактори во земјата и силен предводник на коалицијата „За подобра Македонија“.

Веќе е сосема јасно дека се создадени предуслови во Собранието на РМ со кои е прилично извесно дека ќе дојде до промена на Уставот на РМ. Во таа насока предлагаме и ги повикуваме и раководството и сите пратеници на ВМРО-ДПМНЕ со целосен капацитет да се вклучат во овој процес. Дел од напорите за зачувување на македонскиот идентитет ќе следат и по усвојувањето на уставните промени, и токму во нив е потребен придонесот на  ВМРО-ДПМНЕ. И покрај тоа што Договорот од Преспа е далеку од идеален, сметаме дека е можно да се обезбеди квалитетно зачувување на идентитетот и заштита на македонските стратешки интереси. Заедно со еден успешен и доволно широко поставен процес на национално помирување, може да се создадат услови уставните измени да бидат изгласани со многу поширока општествена и посилна политичка поддршка со што ќе се затвори ова повеќедецениско отворено прашање со Грција. Уверени сме дека стабилноста и перспективите за Македонија, се можни само доколку се градат пријателства на стратешко ниво, и таква една шанса која што ја имаме сега не би требало да се пропушти.

Во овој момент, доколку не се направат овие чекори, постои реална опасност еден подолг период ВМРО-ДПМНЕ да остане длабоко поделена партија, изолирана дури и од некои наши традиционални пријатели и ставена на маргините на политичко дејствување. Да не ги повторуваме грешките од минатото кога и покрај патриотските заложби и човечки жртви, активностите на историското ВМРО не добивале доволно подршка од меѓународниот фактор и поради тоа завршувале со неуспех. Затоа предлагаме целосно вклучување на ВМРО-ДПМНЕ не само во дебатата во Собранието за измената на Уставот во согласност со Договорот од Преспа, туку и активно учество во собраниската група која ќе работи на помирувањето и интегрирањето, како и целосно учество во носењето на што поквалитетни реформски закони во сите сфери.

3. На политичката партија СДСМ и сугерираме да покаже максимално можна флексибилност и инклузивност во процесите што се одвиваат во овој историски период. Како носители на извршната власт, во овој момент нивната одговорност е можеби и најголема.

4. Ги повикуваме сите пратеници при носењето на одлуките во Собранието како единствен мотив во својата работа да ги имаат долгорочните интереси на Република Македонија. Свесни сме за тежината на ситуацијата во која се наоѓаат некои од нив, но улогата на претставник на народот никогаш не била лесна. Затоа изразуваме силно несогласување со различните форми на јавни протести и притисоци кои се вршат врз некои пратеници и нивните семејства, само затоа што се одлучија да го дадат својот глас за отварање на процесот за уставните измени и поддршка за евроатланските интеграции на Република Македонија. Таквото однесување на некои поединци и групи, независно од нивните мотиви, не придонесува за изнаоѓање на разумни решенија, дополнително ги влошува состојбите во државата и треба веднаш да запре. На овие пратеници и на нивните семејства им ја даваме нашата искрена поддршка.

5. Сакаме да напоменеме дека кај експертската и општата јавност веќе подолг период е создаден впечаток дека некои делови на правосудниот систем учествуваат и во политичките процеси, пракса која веќе долгорочно е присутна и која во иднина може да биде погубна за правниот систем на земјата. Потребно е сите политички чинители како и органите на државната власт во Република Македонија, што поскоро да придонесат за надминување на ваквите состојби преку ревидирање на постоечката законска регулатива.

6. Од меѓународната заедница бараме да биде силен посредник во ова национално помирување и обединување. Овој процес треба да започне со праведно решавање на статусот на сите обвинети од 27 април и со целосно ослободување на оние кои на тој ден не извршиле никакво насилство. Но кризата ниту започна ниту заврши со настаните од 27 април, и затоа помирувањето не може да биде фокусирано само кон еден настан. Вистинското помирување треба да биде многу поинклузивно и тоа долгорочно ќе значи и создавање на услови со кои Македонија во иднина ќе биде вистински, лојален и доверлив партнер и во НАТО и во ЕУ.

Воедно ги повикуваме сите пратеници и членови од сите политички партии, а особено од ВМРО-ДПМНЕ, но и сите интелектуалци и граѓани кои што се согласуваат со содржината на ова писмо, да ја поддржат оваа иницијатива. Сметаме дека неговата содржина во голема мерка е натпартиска и дека ја заслужува поддршката на секој граѓанин на РМ кој посакува подобра иднина за сите нас и нашата земја“, се вели во отвореното писмо на Пешевски.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток