Македонија

Тајноста на гласот во недела е гарантиран, уверува Спасовски

Полицијата е на висина на задачата да овозможи демократски гласачки амбиент и слободно изразување на волјата на граѓаните, тајноста на гласот е гарантирана, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на прес конференцијата по денешната посета на СВР Штип и локалната самоуправа.

Министерот  Спасовски ги информира медиумите дека на средбата со раководството на СВР Штип се разговараше за претстојниот референдум во недела и мерките кои МВР ги презема за се да помине во најдобар ред односно да се овозможи слободно изразување на волјата на граѓаните. Согласно законите, секаков вид на притисок, закана или уцена при чинот на гласањето ќе биде спречен и санкциониран. Согласно законите, секој обид за попречување на остварување на правото на глас ќе биде санкциониран, рече Спасовски, додавајќи дека правото на глас е неприкосновено и никој не смее да го загрози.

На средбата во СВР Штип се разговараше и за безбедносната состојба на ова подрачје и беше констатирано дека таа е стабилна и се бележи подобрување во работењето. Во последните три месеци има зголемување на откривачката активност во областа на економскиот криминал, недозволената трговија со дрога и други области. Се разговараше и за состојбите во сообраќајот и мерките и активностите што се преземаат преку континуираните акциски контроли за санкционирање на прекршоците во сообраќајот, но и превентивните активности со цел подигнување на свеста за почитување на сообраќајните правила.

На средбата со градоначалникот на Штип Благој Бочварски беше констатирана одличната соработка меѓу МВР и општина Штип, а се разговараше и за дополнително унапредување на таа соработка, особено во делот на сообраќајот и веќе се детализирани и конкретни активности.

Кликни за да коментираш

You must be logged in to post a comment Login

Leave a Reply

На почеток