Ново видео со вознемирувачка содржина кружи на социјалните мрежи, во кое, роднина на пациент кој е донесен со Брза помош во Охрид, тврди дека чекал саат време за да излезе доктор од Инфективното одделение на Општата болница, за да даде извештај. Во видеото се слуша:
„Колку време сте тука вие?“, на што другата страна одговара „Саат време“, по што човекот кој снима вели „Значи истото се случува, во Охрид на инфективно. Еве саат време чекаме тука. Саат време истото се случува, што се случи пред недела дена. На докторот му е малку саат време за да даде извештај“.
Видеото е снимено од минатата недела, а е објавено на социјалните мрежи денеска.
Директорот на Општата болница во Охрид, Горан Балев, тврди дека никој не е вратен, а тоа може да се докаже и со снимките од надзорните камери. Според него, 70 проценти од пациентите во охридската болница се од струшкиот регион, што е контрадикторно на она што се споделува по социјалните мрежи.
„Камерите можат да докажат колку чекал пациентот пред клиниката. Ние работиме по напатстивија. Тврдам дека не чекал еден час. Јас имам информации дека имало закани кон персоналот, викање, иако тие постапувале согласно протокол, но повторувам, никој не чекал повеќе од 20 секунди. Максимално се трудиме, а сите пациенти се истретирани согласно процедурите“, посочува Балев. Тој ги негира тврдењата кои се објавуаат од жителите на Лабуништа дека само пациенти од нивниот крај се враќаат и не се примаат во болницата, бидејќи фактите го зборуваат спротивното, а докази за тоа постојат.
фото: Prtcs