Американскиот претседател, Доналд Трамп најави дека Соединетите држави привремено ќе престанат со финансирање на Светската здравствена организација (СЗО) заради „лошо управување“ со епидемијата на коронавирус.
Тој, исто така, истакна дека е близу до завршување на планот за стопирање на коронавирусот и повторно заживување на проблематичната американска економија во некои делови од земјата, што веројатно треба да биде готов пред 1 мај.
Трамп и се закани на Светската здравствена организација пред седум дена, а сега отиде еден чекор подалеку.
„Денес, наредив прекин на финансирањето на СЗО, додека се спроведува студија за да се испита улогата на СЗО во лошо управување и прикривање на ширењето на коронавирусот“, рече тој на прес-конференцијата во Белата куќа.
Според американскиот претседател, СЗО не успеала да ја исполни својата основна должност и мора да понесе одговорност.
„Ако СЗО ја завршеше својата работа и испратеше медицински експерти во Кина за објективно да ја проценат состојбата на теренот, епидемијата можеше да биде задржана во нејзиниот извор со многу малку мртви“, додаде тој.
фото: Архива