Македонија

(ВИДЕО) г. Тимотеј: Бог е секаде каде ние го носиме во нашите души и срца, бог не е само во црквата

Годинава Воскресението Христово да се пречека и празнува со најблиските во домашната црква – во семејството, апелираат од Светиот архиерејски синод (САС) на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА).  Тие апелираат во целост верниците да ги почитуваат препорачаните мерки и утврдените насоки за заштита и спречување на ширењето на коронавирусот.  Ваков апел упатува и митрополитот на дебарско кичевската епархија г. Тимотеј. Владиката во интервју за Скопје 1 вели:

-Повеќе пати упатувавме апел до македонскиот православен верник преку соопштенија дека оваа година Велигден ќе го прославиме во специфилни прилики  бидејќи се наметнува заштита на животот на граѓаните и свештенството. Ние не сме лекари и токму затоа ги прифаќаме советите и препораките на стручните служби. Се наоѓаме во ризична ситуација и токму поради тоа како архиереј  на МПЦ упатувам апел воскресението верниците  да го дочекаат во своите домови оваа година. Бог е секаде каде ние го носиме во нашите души и срца, ум, постапки. Бог не е само во црквата, ако велиме дека е само таму тогаш сите треба да бидеме во Ерусалим каде што и воскреснал“, вели владиката Тимотеј.

Владиката додава дека богуслужбите ќе продолжат, но свештенството и монаштвото кое е избрано од народот е задолжено да се моли и кога црквите се полни и кога се полупразни и празни.

-Ние постојано се молиме за сите луѓе. Овој Велигден верниците ќе бидат отсутни оправдано, вели Тимотеј.

На прашањето за благодетниот оган, Владиката вели:

-Јас не сум голем присталица за благодетен оган, секоја свеќа е божја благодет. Годинава ќе изостане погребението,  кога на симболичен начин се шета телото на Исус Христос. Овој чин  вообичаено се прави попладне во време кога има забрана за движење, но обредот свештенството ќе го изврши во црквите, истакна Владиката Тимотеј.

Православните верници традиционално на втор ден Велигден вообичеено одат да ги посетат гробовите на блиските.  На ова прашање Владиката вели:

-Тое не е препорака на црквата. Велигден пред се значи победа над смртта. Исус ги скршил портите на Адот и ги извадил сите души. Доколку некој сака да ги посети гробовите на блиските тоа е индивидуална работа, според нас тоа не е задушница за да се посетуваат гробови.Светла седмица не е за да се оди на гробишта туку за да се радуваме, истакнува Владиката.

По најдолгиот викенд во кој граѓаните имаат забрана за движење, прв ден кога ќе можат да излезат од своите домови е вторник. Владиката Тимотеј вели дека вторник неможе да ја замени недела и токму поради тоа не очекува дека ќе има наплив на верници во црквите на овој ден.

-Доколку има наплив на верници ние ќе советуваме и аплелираме до верниците да се почитуваат препораките за сите затворени простори кои ги донесе Владата. Ние рековме црквите неможе да ги затвориме, и неможе да бидат затворени, јас не сум многу оптимист дека вторник ќа ја замени недела. Може да имаме поголема посета, но не така масовно. Оваа година верниците да го прослават во домашна атмосфера, апелира Владиката Тимотеј.

фото: Скопје 1

На почеток